„Многу луѓе кои се бореле со корона вирусот се жалат на интензивно опаѓање на косата, а многу често и нивните нокти слабеат“, вели рускиот дерматолог и трихолог Ирина Котова.
„Губењето на косата, предизвикано од COVID-19, таканаречено дифузно, престанува самостојно. Тоа е доста изразено по болеста, но трае три, најмногу четири месеци, а после тоа косата полека се обновува сама, дури и без третман. Тешко е да се спречи тоа, бидејќи сѐ зависи од тежината на болеста и почетната состојба на организмот“, објаснува докторката.
Според зборовите на нејзината колешка Татјана Јегорова, по прележувањето на коронавирусот потребно е повеќе да се одморате, да шетате и да поминувате време на свеж воздух.
„Во никој случај не треба да се заморувате, не треба ништо да правите со сила и важно е да јадете добро. Сега, во аптеките има многу витамини за коса и нокти, па можете да пиете и такво нешто“, вели д-р Јегорова, предупредувајќи дека тие витамини не треба да се земаат на своја рака, туку да се консултираат со лекар.
„Најдобро би било вашиот лекар да ви препише витамини. Пред тоа, треба да се направи крвна слика, бидејќи причината може да биде недостаток на железо или недостаток на витамин Б. Исто така, може да се консултирате со трихолог и да се направи мезотерапија за коса, што исто така ќе биде плус“, истакнува д-р Јегорова.
Како што вели, сето ова ќе помогне да се забрза процесот на обновување на косата, но нема брзо да се реши проблемот, па затоа е неопходно пациентите да се вооружат со трпение. Додава и дека ситуацијата со косата со текот на времето сама ќе се стабилизира.
„Само обидете се да јадете здраво, јадете многу зеленчук, овошје, месо, така што телото има од што да направи нови фоликули“, објаснува таа.
Што се однесува до ноктите, на чиј квалитет исто така негативно влијае коронавирусот, Јегорова советува да ги оставите вашите нокти да „одморат“.
„Ноктите не ги допираме, не ги лакираме, навечер им триеме хранливо масло, садовите ги миеме со ракавици, а помага и бањање со солена купка“, објаснува докторката.
И трихологот Јулија Нагајчева советува во никој случај да не купувате лекови од аптека без консултација со лекар.
„Повеќето пациенти имаат дефицит на нешто, што ќе доведе до губење на косата. Само експерт може да ја одреди целосната терапија со лекови, витамински комплекси, микроелементи. Има пациенти на кои им се препишуваат и инјекции“, вели Нагајчева.
Претходно, научниците од Јапонскиот национален центар за глобално здравје и медицина спроведоа истражување и открија дека околу една четвртина од луѓето кои прележале COVID-19 се соочуваат со губење на косата. Научниците се сомневаат дека до оваа состојба веројатно доведува стресот поради долгорочното лекување од коронавирусот.