
Славниот режисер Стивен Спилберг жали поради тоа што популацијата на морските кучиња е „искасапена“ по успехот на неговиот филм „Jaws“ од 1975 година, изјавил во интервју за емисија на „BBC“.
Филмот раскажува за големото бело морско куче кое напаѓа капачи во летувалиште на источното крајбрежје на САД. Локалните полициски службеници почнуваат со лов со помош на морски биолог и ловци на морски кучиња.
„Навистина жалам поради тоа што популацијата на морските кучиња е „искасапена“ поради книгите и филмот. Вистински, вистински жалам“, искрен бил режисерот.
Спилберг учествувал во радиската емисија „Desert Island Discs“ во која гостите откриле која музика, книга или некој луксузен предмет би ги понеле на пуст остров.
Прашан како би се чувствувал да се затекне на пуст остров опколен со морски кучиња, Спилберг одговорил: „Од тоа најмногу се плашам. Но, не се плашам доколку ме изеде морско куче, туку се плашам доколку морските кучиња ми замеруваат на лудилото на спортски риболовци кое се разви по премиерата на филмот во 1975 година“.
Научниците го осудиле филмот
Според студијата објавена во 2021 година во списанието „Nature“, светската популација на морски кучиња се намалила за 71 отсто поради претеран лов.
„Shark Conservation Fund“ тврди дека денес во светот изумирање им се заканува на 36 отсто од 1.250 видови морски кучиња и ражи.
Научниците го осудиле филмот „Jaws“ којшто постигнал огромен успех во кината и кој ги плашел капачите. Стивен Спилберг е славен и по други свои филмски остварувања, како што се „E.T.“, „Indiana Jones“, „Jurassic Park“, а во таа емисија тој зборувал и за делумниот автобиографски филм „Тhe Fabelmans“.
Тоа е приказната за неговото детство и првите чекори во филмот во повоена Америка. Го опишал тоа како „терапија вредна 40 милиони долари“.