Социјалните мрежи често го покажуваат најлошото кај луѓето. Тие може да бидат место за конфликти, подбивања и омраза. Но тоа не е случајот со 19-годишната активистка за ментално здравје Емили. Таа ги користи социјалните мрежи за ширење сочувство и помош.
Неодамна таа објави на „Твитер“ за помалку познатите симптоми на депресија. Меѓу другото, го наведува како знак на депресија менталниот умор од преголемото размислување, односно како што пишува таа, „постојаната борба со мозокот“.
Symptoms of anxiety that no-one talks about. – a thread. /1
— Emily♡ (@ItsEmilyKaty) September 12, 2020
Дисоцијацијата е друг симптом. Ова е чувството дека поминувате низ животот, но всушност не сте таму. Работите што се случуваат не изгледаат реално. Лицето се чувствува одвоено од сопственото тело.
Понатаму, знак на депресија може да биде и чувството кога само помислата на живеeње изгледа невозможна. Кога е потребна огромна енергија и труд само за да се помине денот.
Депресивните луѓе понекогаш прават активности кои може да бидат штетни на долг рок, како прекумерното пиење, влегувањето во опасни ситуации, трошење многу пари, донесување импулсивни одлуки итн.
Физички ефекти на депресијата може да бидат болка во стомакот, главоболка, недостиг на апетит, дијареја, хроничен умор, вртоглавици, промена на телесна тежина, болка во телото и несоница.
Депресивните луѓе некогаш чувствуваат срам, без разлика дали е од осудувањето од страна на другите или од неуспесите. Неспособноста за концентрација и чувството на вина, исто така, може да бидат симптоми на депресија.
Депресивните луѓе некогаш чувствуваат дека мора да глумат дека сè е во ред, иако знаат дека се во депресија, но не знаат како да излезат од неа. Некои луѓе знаат што им помага, но ја немаат потребната енергија. Депресивните луѓе немаат желба да размислуваат за иднината и планирањето изгледа невозможно.
Депресијата може да предизвика чувство на лутина кон себеси. Лицето чувствува дека му пропаѓа скапоцено време, но не може да ги промени работите и не може да им објасни на другите како се чувствува.
Објавите на Емили набргу станаа популарни на „Твитер“ и многу корисници сè уште додаваат симптоми што ги доживеале.
Депресијата е честа. Светската здравствена организација проценува дека над 264 милиони луѓе низ светот имаат некаква форма на депресија. Речиси 800.000 луѓе си го одземаат животот секоја година, а самоубиството е втора најголема причина за смрт кај лицата на возраст од 15 до 29 години.