Одвреме-навреме наидуваме на луѓе кои тврдат дека никогаш не се болни. Настинките ги заобиколуваат, епидемијата на грип не им може ништо и се однесуваат како Супермен со неверојатно силен имунитет. Која е нивната тајна?
Истражувањата покажуваат дека тоа се навиките што тие ги следат и кои ги држат вирусите подалеку.
Си легнуваат порано
Луѓето кои спијат осум часа навечер имаат помали шанси да се заразат со вируси во споредба со оние кои спијат седум часа или помалку, според експертите. Телото се обновува ноќе и ги балансира хормоните на стрес кои не прават поподложни на разни инфекции.
Јадат „шарена“ храна
Ако јадете храна во различни бои, ќе ги внесете сите потребни антиоксиданси и ќе му помогнете на телото да се одбрани од вируси. Нека вашата чинија содржи овошје и зеленчук како тиква, сладок компир и морков, зелен лиснат зеленчук, цитруси и бобинки, кисела зелка и пиперки, бадеми и други јаткасти плодови…
Пијат зелен чај
Студијата спроведена во Америка покажа дека луѓето кои пијат шолја зелен или црн чај во текот на денот создаваат три пати повеќе интерферон, моќен протеин кој ги уништува вирусите кои не напаѓаат.
Внесуваат пробиотици
Добрите бактерии во нашите црева се важни за имунитетот. Ако не сакате да земате додатоци кои содржат пробиотици, јадете повеќе ферментирана храна, јогурт или кисела зелка, на пример.
Вежбаат и се дружат
Редовната физичка активност го зајакнува имунолошкиот систем. Покрај класичното вежбање, благотворно делуваат и јогата и медитацијата, а научниците неодамна ја истакнаа важноста од редовното дружење за намалување на стресот и подложноста на инфекции.
Не го допираат лицето
Ако се одвикнете да не ги триете очите, носот и да ги ставате рацете блиску до устата, ќе го намалите ризикот од респираторни вирусни инфекции за 41 отсто, покажува истражувањето. Редовно мијте ги рацете, а за време на сезоната на грип, исплакнете ги носот и грлото со раствор од морска сол во топла вода за да ги исчистите несаканите честички пред да се вкоренат во телото.