Постојат многу препораки за тоа како да се извршуваат секојдневните активности, па меѓу другото постои и соодветен начин за проветрување на просторијата, што е поважно отколку што изгледа.
Свежиот воздух во просторијата каде што поминуваме поголем дел од времето е доста важен. Протокот на воздух и таканаречената размена на старото за новото, посвежото, е суштинска ставка која се одразува на нас во многу сегменти како што се здравјето, расположението или мирисот на собата.
Доаѓаме и до прашањето за времето, колку всушност е потребно за проветрување на просторијата?
Како да препознаете колку е доволно проветрување?
Кога ќе дојде студеното време, некако најтешко ни е да ја повлечеме рачката од прозорецот и да се изложиме на студениот воздух во нашиот топол дом.
Но, сепак треба да дозволите чистиот воздух да ја освежи просторијата во која поминувате време. Кога разликата е топло-ладно, прозорците често се барем малку замаглени. Кога ќе го отворите прозорецот, една од главните ориентации може да биде токму тоа замаглување. Доволно е да се запре проветрувањето во моментот кога маглата ќе исчезне од стаклото и ќе се излади рамката на прозорецот одвнатре.
Колку често треба да се проветрува?
Треба да ја пронајдете вистинската средина на температурата надвор и онаа во собата. Кога надвор е постудено отколку внатре, јасно е дека ви треба помалку време за да ја проветрите просторијата и дека тие поладни минути може да се толерираат.
Експертите препорачуваат да се проветрува два до три пати на ден, само три до пет минути.
Тоа е одличен начин воздухот да циркулира и да се обновува и прочистува, што е особено важно во сезоната на вирусни инфекции.
Знаеме дека не е најудобна работа на постудено време, но дефинитивно ќе се чувствувате подобро и ќе си ја вратите енергијата кога ќе го вдишите „поновиот“ воздух.
На овој начин ќе ги освежите менталните процеси како и расположението.