Снимањето на новата сезона на серијата „And Just Like That…“ продолжува во полн ек, а популарното актерско дуо Сара Џесика Паркер и Џон Корбет повторно зачекори на улиците на Њујорк и уште еднаш ја зголеми нетрпеливоста на сите оние кои едвај чекаат нови епизоди од серијата за да видат што ќе се случи со Кери и Ејдан.
На новите фотографии од сетот, Кери мораше да застане на прсти за да ја прегрне Ејдан додека носи облека во која обожавателите сакаат да ја гледаат.
Таа изгледаше особено елегантно во розов миди фустан со црн принт. Горниот дел од фустанот ја следи линијата на телото, додека долниот дел се состои од здолниште во А-крој кој достигнува до под коленото.
Кери преку фустанот носеше кратка црна јакна со асиметричен крој, со бели украси и златни копчиња. Комбинацијата уште побрилијантна ја направија беж салонките на модната куќа Џанвито Роси со машна на предната страна.
Меѓу модните додатоци се истакна беж беретката од Гигу Бурис и чанта со долга метална рачка за носење преку рамо.
Откако комбинацијата беше објавена на официјалниот Инстаграм профил на модната серија „And Just Like That… Costumes“, следеа воодушевени коментари од обожавателите. На многумина, всушност, им се допадна ова враќање, како што напишаа, на старата Кери.
„Дами и господа, таа“, „Конечно, Кери се врати“, „Еве ја“ и „Ова е само комбинација за Кери. Ми се допаѓа“, се само дел од коментарите.