Кога се обидуваат да изгубат тежина, луѓето генерално се одлучуваат за храна со мал број калории. Проблемот е што повеќето намирници кои имаат ниска калориска вредност предизвикуваат и глад.
Но, не сите намирници спаѓаат во таа категорија; има и такви кои можат да го скратат апетитот и да го држат под контрола.
Како што пишува „Eatthis.com“, покрај овесот, грчкиот јогурт, малините, крушите, грашокот, црниот грав и урмите, има уште пет намирници кои одлично ве држат сити.
1. Краставици
Омилениот летен зеленчук најмногу е составен од вода – дури 95 отсто, а има и малку калории. Ако јадете краставица со кора, ќе внесете дополнителни влакна кои се одговорни за побавно варење и подолго чувство на ситост.
2. Боровинки
Освен што се нискокалорични, боровинките се богати со влакна, протеини, витамини и други хранливи материи.
Повеќето лични тренери и нутриционисти ги советуваат луѓето кои сакаат да ослабат да консумираат боровинки, претпочитајќи диви боровинки, а сега е откриено и зошто.
Во една студија објавена во списанието „Nutrients“ беше откриено дека дивите боровинки се одлични сојузници во процесот на слабеење и дека му помагаат на телото да согорува маснотии за време на вежбањето.
3. Брокула
Малку калории, доволно протеини, влакна и витамин Ц. Дури и ако не сте љубител на брокула, ако се обидувате да се ослободите од вишокот килограми, имате многу причини да го сакате овој зеленчук.
Витаминот Ц е пријател не само на имунолошкиот систем, туку и на виткоста, бидејќи му помага на телото да ги согорува масните наслаги.
4. Грејпфрут
Како и брокулата, грејпфрутот содржи малку калории, доволно влакна и витамин Ц. Нутриционистите често го вклучуваат грејпфрутот во програмата за редуцирачки диети, обично со појадок или вечера.
Иако многу луѓе повеќе би сакале да пијат цеден грејпфрут отколку да го јадат овошјето, ако сакате да изгубите тежина, немојте да го правите тоа. Ако исцедите грејпфрут, го лишувате вашето тело од влакна кои ви даваат ситост.
Исто така, доколку сте на постојана медикаментозна терапија, задолжително нагласете му го тоа на нутриционистот, за да знае дали да вклучи грејпфрут во вашата диета за намалување или да го замени со некое друго овошје. Имено, одредени супстанци во грејпфрутот можат да влијаат на ефектот на некои лекови, па затоа внимавајте.
5. Бадеми
Популарните јаткасти плодови се полни со протеини и влакна. Ова ги прави бадемите идеална закуска доколку сте на диета, бидејќи ќе ве држат сити долго време. Покрај тоа, бадемите се вистински рудник за магнезиум, минерал кој е многу важен во процесот на слабеење.
Бројни научни студии го испитуваат механизмот со кој бадемите влијаат на топењето на масните наслаги во пределот на стомакот. Засега е познато дека влијаат на намалување на висцералните маснотии, се разбира во рамките на добро балансирана исхрана која ги исклучува едноставните шеќери и едноставните јаглехидрати.
Доколку сакате да ослабете и не сте алергични на јаткасти плодови, наместо попладневна ужина, слободно изедете грст сурови бадеми. Ќе го зауздате гладот и веројатно ќе бидете пријатно изненадени кога по некое време ќе забележите дека вашата гардероба околу половината станува поудобна.