Хидратантниот крем е една од најважните работи во вашата рутина за нега на кожата. Обезбедува влажност, како и задржување на другите хранливи материи во кожата подолго – од витамин Ц до хијалуронска киселина.
– Навлажнувачот го одржува интегритетот на заштитната функција на кожата и е од суштинско значење за доброто здравје на епидермисот – вели експертот за здравје на кожата, Анита Стурнам, а пренесува Вог.
Кога станува збор за наоѓање на вистинскиот хидратантен крем, важно е да се земат предвид надворешните фактори. На пример, какво е времето надвор. Ако е ладно и суво, можеби ќе сакате да користите побогата формула. Ако е топло и влажно, полесна формулација треба да заврши работа.
Стурнам препорачува да имате различни формулации во вашиот комплет.
– Потребите на вашата кожа се менуваат од ден на ден, а факторите како стресот, хормоните, патувањата и начинот на живот влијаат на нивото на хидратација, што нè прави склони кон сувост. Препорачувам двe хидратантни креми – лесна и побогата – вели таа.
Жените често го поставуваат прашањето дали хидратантниот крем треба да се користи наутро или навечер.
Тоа зависи од тоа како изгледа вашата кожа и како се чувствувате. Некои сакаат да го нанесуваат кремот наутро, а други навечер.
Но, повеќето дерматолози би ги препорачале и двете.
Она што во суштина го правите со навлажнувачот е заштита на горните слоеви на кожата, познати како епидермална бариера, од надворешни фактори како што се УВ зраците, сината светлина, бактериите, загадувањето и температурните промени, додека ја затварате целата влага внатре. Затоа, нанесувањето наутро и навечер може значително да влијае на квалитетот и текстурата на кожата.
Анита Стурнам одговара и на прашањето која е најдобрата хидратантна крема за лице.
– За да го постигнете сето горенаведено, најдобриот хидратантен крем за лице ќе содржи и навлажнувачки и омекнувачки својства за поддршка на кожата. Состојките како глицерин, хијалуронска киселина и скволен се некои кои треба да ги барате, вели Стурнам.
Таа додава дека секогаш треба да се нанесува хидрантна крема.
– Дури и ако вашата кожа е мрсна и имате митесери, мит е дека треба да го прескокнете чекорот со хидратантна крема. Клучот е само да бидете сигурни дека користите добро формулиран производ кој врши заштитна функција без затнување на порите.
Жените кои имаат сува кожа треба да користат хидратантни креми кои содржат церамиди, глицерин, хијалуронска киселина и уреа.