Дознајте која намирница најмногу предизвикува труење кај луѓето.
Американскиот „Consumer Reports“ објави листа на 10 најризични намирници и ги анализираше податоците за болестите што се пренесуваат преку храна. Овие податоци биле собрани во периодот од 2017 до 2022 година од страна на американската Управа за храна и лекови, како и тамошното Министерство за земјоделство, а на изненадување на многумина, зелената салата била на врвот на листата на најризични намирници.
Труењата поврзани со свежата зелена салата и салати во кеси (се продаваат во супермаркети) предизвикале повеќе смртни случаи од која било друга категорија на храна во последните пет години, објави „US Consumer Reports“.
Марулата е најризична
Еден од веројатните извори на контаминација е водата што се користи за наводнување на полињата со зелена салата. Имено, кога ѓубривото од блиската штала ќе влезе во системот за наводнување на зелената салата, во неа може да завршат бактериите од животинскиот измет.
Помеѓу 2017 и 2022 година, вкупно 614 луѓе во Америка биле заразени со ешерихија коли, како и листерија, која ја има во лиснатиот зеленчук, а единаесет од тие 614 луѓе починале како последица на труењето.
Најголем ризик претставуваат салатите од кеси на кои пишува дека се веќе измиени, па многумина не ги мијат пред подготовка и консумирање. Стручен совет е секогаш да купувате цели главици зелена салата и да ги отстраните надворешните листови, кои најверојатно се валкани и контаминирани.
На второ место на листата на најризични намирници се јајцата, а потоа туната, остригите, компирот и сирењето.