Во нивната желба да ослабат, многу луѓе стекнуваат лоша навика – прескокнуваат оброци. Но, тоа создава проблем кој може да има лоши последици по физичкото и психичкото здравје, а стручњаците посочуваат дека секој што мисли дека на овој начин треба да ослабне, греши. Оваа лоша навика доведува до недостаток на есенцијални хранливи материи за нормално функционирање на организмот. Еве што се случува во телото ако прескокнеме оброци:
– Редовното прескокнување на оброците, особено во комбинација со ограничување на калориите, може да има големо влијание врз физичкото и менталното здравје. Кога прескокнувате оброци, на телото му недостасуваат есенцијални макро и микро хранливи материи потребни за правилно функционирање на телото. Тоа може да доведе до различни негативни последици, физички и психички – објасни Анастасиос Микроулис, основач и директор на клиниката во Здравствениот центар во Њујорк.
Прескокнувањето на оброците може да предизвика чувство на хроничен замор, лошо расположение, зголемен апетит, прејадување и тешкотии во одржувањето на саканата телесна тежина.
– Кога телото чувствува глад, се зголемува природниот инстинкт за храна. Има луѓе кои тврдат дека кога не јадат долго време, чувствуваат дека имаат повеќе енергија. Важно е да се знае дека неправилната исхрана го нарушува нашиот метаболизам и здравите навики – забележа нутриционистката Џен Блејс.
Според неа, „мозочна магла“, замор, глад, раздразливост и хормонална нерамнотежа може да настанат како резултат на прескокнување оброци. Мозочната магла има симптоми кои можат да влијаат на нашата способност за размислување. Може да се чувствуваме збунети или неорганизирани или да ни е тешко да се фокусираме или да ги изразиме нашите мисли со зборови. Во тој случај лекарите препорачуваат здрава исхрана и вежбање, решавање загатки или крстозбори, поминување време со семејството и пријателите.