Содржи многу важни хранливи материи кои можат да ве заштитат од одредени здравствени проблеми, а исто така помага да ги изгубите вишокот килограми
Боранијата се смета за „омразена“ намирница која многу луѓе не сакаат да ја јадат, но можеби ќе се предомислат кога ќе сфатат дека се работи за исклучително здрава храна која има бројни придобивки за организмот. Боранијата содржи многу важни хранливи материи кои можат да ве заштитат од одредени здравствени проблеми, а исто така да ви помогнат да ги изгубите вишокот килограми. Важно е да знаете дека не содржи холестерол. Иако на нашите тела им треба малку холестерол за здрав раст на клетките, високиот холестерол може да доведе до масни наслаги во артериите.
Ова може да го намали протокот на крв во срцето и мозокот и да предизвика срцев или мозочен удар, предупредува веб-страницата „HealthLine“. Една шолја сирова боранија има 2,7 g влакна, додека варената боранија содржи 4 g влакна, од кои некои се растворливи. Овие растворливи влакна може да помогнат во намалувањето на LDL, или таканаречениот „лош холестерол“ и вкупниот холестерол. Исто така, мешунката го штити срцето бидејќи го намалува крвниот притисок и го намалува воспалението.
Имено, Американското здружение за срце препорачува до 1.500 мг сол дневно за оптимално здравје на срцето, а боранијата природно има малку натриум – една шолја има само 6,6 мг. Премногу сол во исхраната го зголемува крвниот притисок, што е поврзано со зголемен ризик од срцеви заболувања и мозочен удар. Покрај тоа, мешунката е богат извор на витамини А, Ц и К, како и фолна киселина, која е особено важна за трудниците.
Многу истражувања покажуваат дека боранијата и гравот се одлични сојузници во слабеењето, имајќи предвид дека една шолја од овој свеж зеленчук има само 31 калорија, практично нема масти и само 3,6 грама шеќер, па затоа е одличен избор за оние кои сакаат да се ослободат од вишокот килограми.