Стриминг гигантот Нетфликс го објави трејлерот за новата романтична комедија „Choose Love“. Она што го издвојува овој филм од многу романтични комедии е новата интерактивна технологија која ќе им овозможи на гледачите да го контролираат филмот.
Филмот ја следи Ками, која ја игра поранешната актерка на Дизни, Лаура Марано, позната по нејзините улоги во детската серија „Austin & Ally“ и филмот на Нетфликс „The Perfect Date“. Ками ја доби својата работа од соништата, но се плаши дека нешто недостасува во нејзината врска со Пол. Во текот на филмот, Ками повторно се среќава со нејзината прва љубов Џек, а ја привлекува и рокерот Рекс, па гледачите ќе можат да изберат дали Ками ќе се впушти во нови љубови или ќе остане во врска со Пол. Во клучните моменти на екранот се појавуваат две опции, од кои гледачите можат да изберат и да го одредат понатамошниот тек на филмот. Покрај Марано, во филмот играат и поранешниот актер на Никелодеон, Аван Џогија, Скот Мајкл Фостер и Џорди Вебер. Режијата е на Стјуарт Мекдоналд, по сценарио на Џосан МекГибон.
Ова не е првиот интерактивен проект на Нетфликс. Имено, оваа технологија во 2018 година за прв пат беше употребена во епизода од популарната серија „Black Mirror“, а беше користена и во анимираната серија „Jurassic World: Camp Cretaceo“, ситкомот „Unbreakable Kimmy Schmidt“ и квизот „Trivia Quest“. Филмот пристигнува на Нетфликс на 31 август.