Ја бојадисавте косата, добивте боја на коса која изгледа одлично, но – проблем! На вашата глава има дамки од боја, особено во пределот на ушите и челото. Бидејќи сме сигурни дека не сакате да шетате низ градот со дамки на лицето, пред да почнете да паничите, ќе ви откриеме дека овој проблем всушност е лесно решлив.
Важно е да се нагласи дека вакво нешто може да ви се случи без разлика дали се фарбате дома или во салон, а најчесто е со темни нијанси кои понекогаш знаат да бидат многу упорни и да не се вадат неколку дена.
Превенцијата е најдобра
За да спречите појава на дамки, има некои работи што можете да ги направите. Вазелинот е едно од решенијата. Се што ви треба е да нанесете малку подебел слој по должината на линијата на косата, како и кожата на вратот од задната страна, која е изложена на ризик при боење и добро да го втриете.
Кожата треба да биде мрсна и сјајна, а функцијата на вазелинот во овој случај е да делува како бариера помеѓу бојата за коса и вашата кожа која е во директен контакт со бојата. На овој начин се спречува бојата да се залепи на кожата, а со тоа и да предизвика дамки.
Сличен ефект можете да добиете и со подебела крема, а постапката е иста.
Дополнителен совет: Можете да ставите и парчиња памучна вата преку деловите на кожата намачкани со вазелин, за дополнително да се заштитите од бојата.
Како да се отстранат дамките од боја?
Доколку веќе се појавиле дамките, тука има помош, а ние ви пренесуваме 5 начини како да ја отстраните бојата од кожата и да откриете што не смеете да правите.
Користете боја за коса
Ова може да биде изненадување, но бојата всушност ја отстранува бојата од кожата. Значи, сè што ви треба е да истриете малку од постоечката боја на кожата, но пред да ја навлажните, бидејќи со мокра боја на коса овој трик нема да успее.
Мицеларна вода или друго средство за отстранување шминка
Може да ви помогне и вашата омилена мицеларна вода или средство за отстранување шминка на база на масло. Се што ви треба е да истурите мала количина на туфер и да ја втриете во кожата. Сепак, важно е да се нагласи дека овој метод подобро функционира со полутрајни бои отколку со трајни.
Млеко
Да, обичното млеко од фрижидерот може да биде одличен начин за отстранување на бојата. Секогаш избирајте кравјо млеко, никогаш растително млеко, бидејќи тоа нема да успее. Истурете малку млеко на памук и нежно избришете ја кожата неколку пати.
Паста од сода бикарбона
Сè што е потребно е да измешате малку сода бикарбона со вода додека не добиете густа паста, која потоа треба да ја намачкате со памук или хартија врз дамката од бојата. Исплакнете со вода и повторете ја постапката доколку е потребно.
Нежен пилинг
Ако ниту една од техниките не вроди со плод, најдоброто нешто што треба да направите е лесен пилинг на лицето. Не претерувајте и не бидете груби, особено ако имате чувствителна кожа или егзема.
Со што никако да не ја отстранувате бојата од кожата
Интернетот е полн со совети како да ја отстраните бојата од кожата, но не треба да следите се што пишува. Често може да најдете совет за отстранување на трагите од боја со средства за отстранување на лак или гелови за дезинфекција. Ова во никој случај не е добро за кожата, бидејќи овие супстанции не се наменети за лицето, а можат да предизвикаат иритација, алергиски реакции, па дури и изгореници.