Висина всушност не треба да влијае на среќата во животот и љубовта, и покрај тоа што многумина не се задоволни со својата висина, без разлика дали се сметаат себеси за ниски или високи.
Научниците, се обиделе да утврдат која висина е идеална за долготрајни романтични врски, па било спроведено истражување во Англија, каде просечната висина на жената е 162,56 сантиметри, пишува „Јор танго“.
Тие откриле дека, жените кои биле пониски од таа просечна висина, имале поголема веројатност да бидат во среќни врски и да имаат деца и на возраст од 42 години. Студијата испитувала и мажи.
За жал, но многу вистинито, сите анкетирани жени претпочитаале мажи кои се повисоки од просечните мажи. Поточно, станува збор за висина од 182,88 сантиметри.
Еволутивно гледано, постои причина зошто жените преферираат високи мажи. Претпоставката е дека повисоките мажи можеле да обезбедат подобра физичка заштита во минатото, но се чини дека научниците не можат да најдат слична причина зошто мажите пак, повеќе ги привлекуваат пониските жени за долгорочни врски.
Дополнително, истата студија покажала дека пониските жени статистички имаат поголема веројатност да имаат компликации за време на породувањето.
„Знаеме дека мажите ги привлекуваат работи кои во нашето еволутивно минато би биле симбол на плодноста. И во извесна смисла, висината е негативен знак. Високите жени подоцна влегуваат во пубертет и веројатно нивните секундарни полови карактеристики се развиваат малку подоцна“, вели Даниел Нетел, водечки истражувач.
Според него, пониските жени кои порано влегуваат во пубертет се подобри кандидати за репродукција. Ова истражување, сепак, е во спротивност со нашето разбирање за еволуцијата.
Имено, денес научниците знаат дека постои директна корелација помеѓу висината на таткото и висината на неговите ќерки. Ако продолжиме да веруваме дека еволутивните биолошки потреби се клучни при изборот на партнери, тогаш жените избираат мажи кои по претпоставка ќе им дадат ќерки кои се високи и со тоа помалку способни за репродукција.