Крајот на август е време кога почнуваме да размислуваме за правење на зимница
Сега е вистинско време да се подготвите за зимата и повеќето жени веќе почнаа да собираат овошје и зеленчук. Без разлика дали користите проверени рецепти, често се случува таа да се расипе. Постојат бројни причини за тоа, а во следниов текст прочитајте на што треба да внимавате за вашата зимница да трае што подолго.
- Неправилно стерилизирани тегли
Доколку теглите се слабо или недоволно стерилизирани, во нив може да останат бактерии и разни штетни микроорганизми, што може да доведе до ферментација на овошјето и зеленчукот. За да се избегне ризикот од оваа појава, важно е стерилизацијата да се изврши правилно. Добро измиените тегли и капаци наредете ги на тава и ставете ги во рерна загреана на 180°C околу 15-20 минути. Внимавајте добро да ја затворите зимницата, односно добро прицврстете го капакот за да не навлезе воздух.
- Употреба на презрело овошје и зеленчук
Многу луѓе веруваат дека зимницата ќе биде послатка и повкусна ако користат зрело овошје и зеленчук, но тоа не е така. Овошјето ќе се распадне и ќе се расипе многу побрзо, дури и кога користите конзерванси. Затоа, изберете цврсти плодови кои не се оштетени и немаат дамки.
- Лошо место за чување
Зимницата ќе трае подолго доколку се чува на место каде што нема провев, влага, топлина и нема сончева светлина. Сето тоа се фактори кои влијаат на забрзаната ферментација на овошјето и зеленчукот во теглата и нивното побрзо расипување.