Комуницирањето на партнерите преку „Фејсбук“, е-пошта, испраќање пораки, твитови и слично може да биде многу практична и удобна работа. Технологијата нуди многу брзи начини да го замолите вашиот сопруг да земе зелена салата од самопослуга на пат кон дома или да ѝ дадете до знаење на вашата жена дека ќе доцните.
Сепак, оваа погодност може да има сериозна цена за интимноста во вашата врска.
Да, испраќањето пораки може да ви помогне да комуницирате, но виртуелното поврзување никогаш не е замена за физичкото заедништво и има тенденција да ги влоши работите во вашата врска.
Еве четири причини, според Your Tango, зошто технологијата му штети на вашиот брак:
1. Технологијата ви олеснува да се борите „валкано“
Гневот може да се ослободи премногу лесно и импулсивно преку порака. Премногу луѓе исфрлаат брз и гаден коментар како одговор на нешто што ги изнервирало. Ако кликнат на „испрати“ пред да имаат време да се смират и да размислат за потактичен одговор, веројатно ќе има проблеми.
2. Комуникацијата преку мрежата го краде заедничкото време
Луѓето кои се поврзуваат преку толку различни електронски канали со саканите можеби го прават истото со пријателите и деловните партнери. И тука лежи проблемот. Одржувањето на сите овие врски може да го намали времето што го поминувате со вашата сакана. И секој прекин на вашето време заедно го намалува интензитетот на вашата врска.
3. Виртуелните врски не можат да ја заменат физичката интимност
Кога добивате текст или читате е-пошта, се што добивате се информации. Без прегратки, насмевки или допири. Она што ги поттикнува љубовните чувства со вашиот партнер обично вклучува физички контакт – едноставни работи како гледање со љубов еден во друг, држење за рака, шепотење…
Притоа, контактот очи во очи и контактот кожа со кожа го вклучуваат љубовниот хормон окситоцин, хемикалија во вашиот мозок што ги зголемува вашите чувства на наклонетост и го зголемува вашето чувство за поврзаност со партнерот. Ова е нешто што не можете да го изразите преку текстуална порака.
4. Пораките лесно се погрешно протолкувани
Пишаните зборови го пренесуваат само своето значење, без она што психолозите го нарекуваат „прозодија“, т.е. тон на гласот. И тоа отвара се повеќе врати за текстуалната порака да се толкува на поинаков начин. Пораката која гласи „Се гледаме после работа“ може да се протолкува и како вознемирена наредба, доколку примачот е чувствителен во тој момент. Од таа гледна точка, телефонскиот повик е подобро решение, за да се избегне погрешна перцепција на пораката.
Исто така, споделените мисли создаваат емотивна врска, токму затоа паровите сакаат да разговараат и на тој начин да ја поттикнуваат интимноста. Јачината на врската се зголемува со разговор бидејќи тогаш сте физички заедно, можете да се гледате, слушате и допирате. И тоа е нешто што никогаш не може да се пренесе преку технологија од кој било вид.