Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, статистички најдобриот во историјата на овој спорт, се подготвува за учество на US Open, последниот Грен слем во годината, кој годинава започнува на 28 август.
Додека сите се подготвуваат да навиваат за српскиот спортист, тој напорно тренира, а му треба и мир за да биде опуштен и да го задржи фокусот пред напорните натпревари, бидејќи средбата со него е најголемиот предизвик и посебна мотивација за секој тенисер.
Иако медиумите пишуваа дека Ѓоковиќ има два луксузни апартмани во Њујорк, оваа година и тој ќе престојува во вила на пријател, пренесуваат медиумите.
Станува збор за величенствен имот во Њу Џерси, каде Новак ќе има одлични услови за тренирање, опоравување од натпреварите и полнење на батериите.
Ноле во разговор со претставниците на медиумите истакна дека годинава за време на престојот во Америка ги „комбинира Њујорк и Њу Џерси“.
– Секако, кога ќе започне турнирот, целосно ќе бидам „заклучен“ од други надворешни фактори – изјави Србинот, кој додаде дека го сака Њујорк, но дека може да ужива само пред турнирот.
Потоа се посветува на целта да го добие трофејот.
– Мојот пријател има одлична вила со тениски терени. Таму ќе бидам само со семејството. Таму убаво се релаксираме и ми е одлично во деновите меѓу натпреварите кога имам пауза. Потоа се полнам со енергија и на некој начин се подмладувам, па имам повеќе сила за натпревари – изјави тенисерот.