Масажата, маската за коса и чоколадниот пилинг за тело ќе ја направат вашата кожа и коса помеки и посјајни.
Дали сакате да го јадете, но не сте пробале да го користите како козметички производ? Чоколадото е еден од слатките гревови на кои не можете да одолеете, но само она со 70 проценти какао, односно темното чоколадо, е корисно за здравјето, велат експертите. Темното чоколадо е богато со витамини, минерали и антиоксиданси кои ги негуваат кожата и косата. Не треба само да уживате во неговиот вкус, туку можете да го пробате и неговото позитивно дејство на целото тело.
Масажа
Доколку сè уште не сте пробале чоколадна масажа, време е. Го подигнува расположението, позитивно делува на умот и телото, го поттикнува лачењето на хормоните на среќата и ја храни кожата. Одлична е во борбата против стресот, чувството на слабост и помага за сувата и уморна кожа.
Пилинг
Овој вид на пилинг можете да го подготвите и сами, а ќе ги отстрани мртвите клетки и нечистотии од кожата. Потребно е: една лажица шеќер, една лажица горчливо какао во прав, малку ванила и малку маслиново масло. Мешајте ги состојките додека не добиете густа маса, која потоа со кружни движења ќе ја нанесете на телото. Притоа, фокусирајте се на критичните области на телото. Оставете да отстои десет минути и исплакнете со млака вода.
Маска за коса
Можеби звучи неверојатно, но можете да ја негувате и косата со чоколадо. Подгответе ја маската на следниот начин: измешајте три лажици крем сирење со една лажица какао во прав и сè претворете во мазна смеса. Нанесете ја на косата и оставете ја да отстои десет минути. Чоколадната маска го враќа сјајот на косата и го обновува скалпот. Доколку ве боли глава, исто така се препорачува оваа маска, бидејќи состојките на чоколадото, како што е кофеинот, позитивно делуваат на целото тело.