Едноставниот и пристоен накит доминираше неколку сезони, па враќањето на нешто повпечатливо е сосема очекувано. Минатата сезона го видовме враќањето на накитот инспириран од осумдесеттите – гломазен, максималистички и впечатлив, а летово се вратија ланчињата, алките и прстените во разиграни бои и форми, кои потсетуваат на модата од почетокот на милениумот.
Елегантните и женствени бисери станаа и „it“ додаток, а со доаѓањето на есента и зимата, тренд што се издвојува е таканаречениот „bubble накит“, односно ланчиња, алки и прстени од низа мониста – како бисер ланче, но во овој случај се работи за поголем избор на материјали и бои од кои можете да изберете.
Ваков накит беше претставен во колекцијата на италијанската куќа Bottega Veneta, во колекцијата Версаче моделите носеа една сјајна метална топка на ѓердан или на ушите, а Валентино понуди заоблени прстени и алки.
Во сребрена и златна боја, овој вид накит изгледа софистицирано и луксузно, а доколку барате нешто поопуштено и разиграно, достапни се парчиња во пастелни или потемни нијанси. Колку се поголеми топчињата – толку е посилен и подобар стилскиот ефект, но доколку сакате малку посуптилна варијанта на овој тренд, малите топчиња нанижани заедно се исто така интересен моден додаток кој се разликува од класичниот накит и дава на облеката современ, кул шмек.