Трејлерот за филмот „Присила“ ни дава подлабок увид во комплицираната врска помеѓу кралот на рокот Елвис Присли и неговата сопруга Присила. Покрај тоа што ја прикажува нивната љубов, трејлерот дава поглед на познатата венчаница што Присила ја носеше во 1967 година на нивната венчавка во Лас Вегас. Нејзиниот венчален фустан наликувал на наметка, со долги ракави и висока јака од тантела. Таа ја обликувала косата во светли локни и ја украсила со бел превез.
Судејќи според трејлерот, филмот внесува подлабок увид во нивното семејство, во односот со нивната ќерка Лиза Мари Присли, но ги открива и изливите на гнев на Елвис. Познатиот пејач го игра Џејкоб Елорди, актер познат по серијата „Еуфорија“, додека Кејли Спени, која се прослави со улогата во серијата „Easttown Mare“, ја игра Присила. Филмот доби седумминутни овации на филмскиот фестивал во Венеција на својата премиера, а во кината ќе биде достапен од 3 ноември.
Љубовната приказна на екранот ја носи режисерката Софија Копола, а е напишана според мемоарите „Елвис и јас“ објавени во 1985 година. Софија, ќерката на познатиот режисер Френсис Форд Копола, ја прочитала книгата пред неколку години и била изненадена колку емотивно е поврзана со приказната. „Мислев дека тоа ќе биде само забавна авантура, но бев изненадена од тоа колку ми е блиска нејзината приказна“, изјави Копола.
Таа истакна дека знае како е да се живее во шоубиз семејство. „Животот со татко ми, таа голема личност, голем уметник, голем дел од нашите животи се вртеше околу тоа. И кога ќе го видам животот на мајка ми, како таа се обидуваше да го најде својот пат во неговиот, можам да се поврзам со тоа“, рече Софија, поврзувајќи го својот живот со Присила. Режисерката изјавила дека е фасцинирана со животната приказна на сопругата на кралот на рокенролот уште откако го добила Оскарот за филмот „Изгубени во преводот“. „Едноставно знам која е таа и се чувствував како да може да ме разбере“, рече таа.