Прочитајте колку чашата топла вода на празен стомак може позитивно да влијае врз организмот
И древните Кинези знаеле дека консумирањето чаша топла вода на празен стомак има бројни здравствени придобивки.
Пиењето топла вода секое утро може да помогне при бројни здравствени проблеми, но треба да внимавате температурата да не биде повисока од 50 степени Целзиусови.
Во спротивно, може да резултира со изгореници во устата и грлото.
Помага за слабеење
Иако поради топлата вода нема да изгубите килограми, таа може да помогне во процесот.
Нутриционистката Кара Валш тврди дека чашата топла вода со лимон го поттикнува метаболизмот, а поради тоа, телото во текот на денот ќе потроши повеќе калории.
„Консумирањето топла вода дополнително го прочистува дигестивниот систем и спречува појава на подуеност, односно помага за излачување на вишокот течности од телото“, открива нутриционистката.
Ги прочистува синусите
Чашата топла вода помага за симптоми на инфекција на горниот дишен систем.
„Ако имате затнат нос, ќе ви помогне во чистењето и отворањето на дишните патишта, бидејќи топлината побрзо ќе ја прочисти слузта. Температурата на течноста што ја пиеме може да влијае и врз симптомите на настинка“, тврдат докторите.
Ги штити забите
Стоматологот Санда Молдован истакнува дека топлата вода е одличен избор за здравјето на забите и протетиката.
„Некои бели пломби поради студената вода може да се намалат и на тој начин да се одвојат од забот“, вели таа и предупредува да внимавате водата да не биде премногу топла.
Се препорачува да биде на собна температура.
Одлична е за дигестијата
Топлата вода ги проширува крвните садови и го стимулира протокот на крвта кон цревата, односно ја подобрува дигестијата.
„Ако испиете чаша топла вода на празен желудник, таа веднаш ќе тргне кон цревата, каде што е и најпотребна“, истакнува кардиологот доктор Луиза Петре.
Таа додава дека за разлика од ладната, топлата вода побрзо хидрира. Во комбинација со храна, побрзо ги топи мастите, кои поради тоа полесно се варат.
Ги прочистува токсините
Топлината на водата ја зголемува топлината на телото предизвикувајќи потење, а преку потта ги излачуваме штетните отрови од телото.
„Ако секој ден пиете топла вода и во неа додадете малку лимон, тоа ќе воспостави рамнотежа меѓу киселините што ги внесуваме преку храната. Ако не сте љубител на лимон, обидете се да пиете зелен чај, кој го намалува бројот на слободни радикали во телото“, откриваат докторите.
Ги намалува болките
Мускулите се грчат ако пиете ладна вода, но топлата вода го поттикнува протокот на крвта кон ткивата и овозможува опуштање на мускулите.
„Тоа помага за сите видови болка, од менструални грчеви до болки во зглобовите. Ако испиете топла вода и пред да си легнете, побрзо ќе заспиете и подолго ќе бидете сити, па нема да се будите навечер за храна. А и кога ќе се разбудите, ќе бидете свежи“, додаваат докторите.
Ја подобрува циркулацијата
Како што топлата бања ја подобрува циркулацијата, исто влијание има и топлата вода. Крвниот притисок ќе ви биде понизок, а се намалува и ризикот од појава на кардиоваскуларни болести.
Ја олеснува констипацијата
Поради недостиг на вода во телото, се намалува активноста на цревата, а тоа доведува до констипација.
Но ако секој ден испиете чаша топла вода на празен желудник, ќе ја активирате работата на цревата.