Неодамнешното истражување укажува дека одредени видови храна би можеле да исчезнат до 2123 година, бидејќи луѓето сè повеќе го префрлаат својот фокус на одржливост и етичко јадење.
Имено, футуролозите предвидуваат дека храната како чоколадо, авокадо и морски плодови ќе престанат да се користат, а тоа е затоа што се повеќе луѓе се загрижени за важноста на исхраната.
Истражувањето на LNER покажа дека секој седми Британец верува дека до 2123 година сите оброци ќе бидат од растителна основа, а многумина укажуваат на негативното влијание на исхраната што содржи производи од животинско потекло.
Футурологот Робин Феген наведува дека и покрај фактот што многу луѓе не можат да го замислат својот живот без чоколадо, сепак тоа би можело да „изумре“. Наместо тоа, одржливото какао може да стане нова замена, обезбедувајќи ги истите слатки и пријатни вкусови како чоколадото, но со помало влијание врз животната средина.
„Одржливоста, етиката и исхраната стануваат се поважни кога станува збор за храната. Генетската модификација може да значи дека можеме да направиме овие состојки да имаат вкус подеднакво како и чоколадото, овозможувајќи ни да уживаме во вкусен десерт, а истовремено да нудиме здравствени придобивки“, вели Феген.
Тој објаснува и дека освен што тешко ќе се добива какаото, ќе му требаат и посебни услови за да расте, па претпоставува дека луѓето ќе се свртат кон поедноставни алтернативи од нивната околина.
„Благодарение на климатските промени, веќе гледаме драматично намалување на дрвјата од какао, така што е многу можно чоколадото природно да се филтрира од нашата исхрана и постепено да биде заменето со лесно произведени, поодржливи алтернативи“, додава тој.
Но, иако се очекува некои намирници да исчезнат, тие би можеле да бидат заменети со црви и инсекти. Според истото истражување, дури 52 отсто од Британците се подготвени да јадат јадења на база на инсекти.
Интересно е тоа што 30 отсто од Британците предвидуваат дека до 2123 година нема да има такво нешто како таканаречена нездрава храна благодарение на генетската модификација и замена.
Британците исто така се подготвени да ја намалат потрошувачката на месо, а 38 отсто изјавиле дека би размислиле да станат вегетаријанци или вегани.
На крајот на краиштата, секој петти Британец очекува авокадото целосно да исчезне од нашата исхрана до 2123 година, заедно со морска храна и пилешки нагети.
Според истражувањето на LNER, првите 10 намирници на кои им се заканува истребување во 2123 година се: морска храна/риба (36 проценти), пилешки нагети (32 проценти), говедско месо 30 проценти, свинско (28 проценти), тофу (27 проценти), мед (22). проценти), авокадо (20 проценти), наут (16 проценти), чоколадо (11 проценти) и млеко (11 проценти).