Подолу можете да најдете рецепт за чоколадни коцки без јајца кои можете да ги печете во калап, квадратен плех или како мафини. Подготовката е брза и лесна, а овој колач содржи и џем што го прави особено сочен. Може да се чува долго време, децата го сакаат, а останува сочен и неколку дена по подготовката.
Состојки:
За бисквитот:
200 гр брашно
2 лажички сода бикарбона
4 лажици какао
4 лажици мелени ореви или лешници
250 мл течен јогурт
100 мл масло
8 лажици шеќер
4 полни лажици џем по желба
За преливот:
100 гр маргарин или путер
100 гр чоколадо
3 лажици какао
3 лажици шеќер
100 мл млеко
Дополнително:
4 супени лажици џем
Подготовка:
Во сад ставете ги шеќерот и сите влажни состојки: јогуртот, џемот и маслото и сè убаво измешајте. Додадете брашно измешано со сода, какао и јаткасти плодови и кратко измешајте со миксер.
Смесата истурете ја во тавче (20 x 28 см) обложено со хартија за печење и печете околу 30 минути на 180 степени. Внимавајте колачот да не се препече – готов е штом почне да се одвојува од рабовите на тавата.
Додека колачот се пече, подгответе го преливот. На оган растопете го путерот, додадете шеќер, млеко, какао и чоколадо искршено на коцки.
Топлата торта избоцкајте ја со вилушка, обилно намачкајте ја со џем, па покријте ја со чоколаден прелив.
По желба посипете со чоколадни трошки или изрендајте чоколадо.