Приказната за животот на легендарниот германски дизајнер Карл Лагерфелд наскоро ќе пристигне на стриминг платформата Disney+. Серијата „Becoming Karl Lagerfeld“ ќе биде достапна за гледање од 7 јуни 2024 година, а деновиве беше објавен и првиот трејлер кој дава увид во серијата од шест дела, која е адаптација на бестселерот „Кајзер Карл“ на новинарот Рафаеле Баке.
Заплетот започнува во 1972 година и го следи тогаш 38-годишниот дизајнер Карл Лагерфелд кој се вљубува во амбициозниот француски аристократ Жак де Башер. Во тоа време, Карл сè уште беше непознат на модната сцена, а серијата го следи неговиот пат до успехот во модниот свет. Интересно е и тоа што во серијата ќе биде прикажана неговата врска со Ив Сен Лоран.
Зад серијата „Becoming Karl Lagerfeld“ стои француската продуцентска куќа Gaumont, која стои и зад успешниот филм „The Intouchables“ со Франсоа Клузе и Омар Си во главните улоги. Улогата на Карл Лагерфелд му припадна на германско-шпанскиот актер Даниел Брул. Даниел претходно имавме можност да го видиме во улогата на австрискиот Формула 1 тркач Ники Лауда во филмот „Rush“ во кој глумеше со Крис Хемсворт. Инаку, Крис го отелотвори најголемиот ривал на Лауда – Џејмс Хант. Брул глумеше и во филмовите „Inglourious Basterds“, „The Bourne Ultimatum“ и „Captain America: Civil War“.
Улогата на љубовта на Карл, Жак де Башер, му припадна на канадскиот актер Теодор Пелерин, кој го паметиме од минисеријата на Нетфликс „Maid“, додека улогата на Ив Сен Лоран му припадна на францускиот актер Арно Валоа, кој моментално може да се види во Нетфликс филмот „Good Grief“. Во „Becoming Karl“ глуми и француската актерка и режисерка Ањес Жауи, а во серијата ќе биде и Габриел Агион, основач на модната куќа „Chloé“ каде Лагерфелд работел 14 години.
Инаку, „кралот на модата“, како што многумина го нарекуваа Карл, почина во 2019 година на 86-годишна возраст по тешка битка со ракот на панкреасот. Тој беше познат и по својата долговечност, што беше реткост во брзиот и променлив свет на модата. Тој беше на чело на Шанел од 1983 година, работеше за Фенди и имаше своја модна линија Карл Лагерфелд. За германскиот моден волшебник е снимен и документарниот филм „7 Days Out“. Камерите го следеа додека се подготвуваше за шоуто наречено „Garden Party“, кое се одржа во Grand Palais во Париз, каде што креаторот создаде цела магична француска градина со фонтана, илјадници рози и прекрасни патеки за манекенките кои ги прошетаа неговите инспирирани креации за пролет/лето 2018 година.