Дури и кога фаворитот е добро познат, тензијата за доделување златни статуетки е секогаш присутна бидејќи често сме сведоци на големи изненадувања на Оскарите, а еден таков момент се случи и на неодамна одржаното 96-то доделување на Оскарите.
Најголемото и најгламурозното доделување на филмски награди годинава го одбележа триумфот на филмот Опенхајмер кој освои дури седум награди. Иако фаворитот неофицијално беше прогласен од фановите веќе летово, тензијата на целата вечер се зголеми со пристигнувањето на последната категорија, во која беа номинирани дури десет филмови, а честа да го прочитаат победникот годинава му припадна на легендарниот Ал Пачино.
Најголемата возбуда и почит кон номинираните се случува токму во моментите кога водителот застанува на сцената, ги чита имињата, а потоа пушта кратки клипови од номинираните, а годинава во последната категорија тој дел беше прескокнат.
Токму поради ова, многумина го осудија холивудскиот гигант што ги лиши гледачите од тој највозбудлив момент на наградата, кога тензијата за прогласување најдобар филм на годината беше на врвот. За да се одбрани, самиот Ал Пачино се огласи и тврдеше дека идејата веднаш да се прочита победникот не е негова.
– Само сакам да бидам јасен дека не ми беше намерата да ги изоставам, туку одлуката на продуцентите да не ги повторувам повторно бидејќи беа истакнати поединечно за време на церемонијата. За мене беше чест да бидам дел од вечерта и решив да го следам начинот на кој тие сакаа да се доделува оваа награда – рече Пачино, додавајќи дека длабоко сочувствува со оние кои беа омаловажувани од овој превид.
По читањето на филмот Опенхајмер како победник во категоријата за најдобар филм, најпрвин настана метеж во салата бидејќи сите од публиката беа свесни дека дел е прескокнат, а потоа на сцената се собра екипата на победничкиот филм.
Да потсетиме, филмот за креаторот на атомската бомба освои седум Оскари, во категориите: за најдобар филм, режија, главна и споредна машка улога, оригинална музика, фотографија и монтажа.