Сите веќе знаат дека Швајцарија е овогодинешниот победник на Евровизија, благодарение на Немо, кој ја претставуваше со песната „The Code“. На крајот, Швајцарецот имаше вкупно 591 поен, додека второпласираниот Baby Lasagna со хитот „Рим Тим Таги Дим“ освои само нешто помалку, 547. Со целото име Немо Метлер, тој тврди дека песната што му ја донесе победата беше делумно инспирирана од реалниот живот, а во продолжение ви ја пренесуваме приказната за победникот на 68-то издание на Евровизија што се одржа во Шведска.
Се претставува како небинарна личност, роден е во Биел, Швајцарија, има 24 години и свири виолина, пијано и тапани. Досега има издадено три ЕП, а најуспешна песна му е „Ду“. Пред четири години, тој почна да пишува и да продуцира за други музичари, како и да објавува песни на англиски јазик. Во својата музика тој често зборува за родовиот идентитет, менталното здравје и е инспириран од сопствениот живот, што беше случај со песната „The Code“.
„Песната е за едно патување и сознанието дека не сум ниту машко ниту женско. Да се пронајдам себеси беше долг и тежок процес, но ништо не е подобро од слободата што дојде со сознанието дека сум небинарна личност. Голема чест ми е да ја претставувам Швајцарија на Евровизија бидејќи таа е платформа која ги поврзува културите и генерациите, а за мене, како квир личност, важно е и LGBTQIA+ заедницата да биде претставена“, рекол тој.
Ова е трет пат Швајцарија да победи на Евросонг, а претходно тоа го постигнаа Лис Асија, која победи во 1956 година со песната „Refrain“ и Селин Дион, чиј хит „Ne partez pas sans moi“ го освои Европската публика 32 години подоцна, т.е. во 1988 година.