Веруваме дека досега сте слушнале бројни “факти” за косата, но време е да заборавите на некои од нив.
Во продолжение, ви претставуваме пет најчести митови за косата во кои треба да престанете да верувате.
Мит 1: Косата треба да се чешла 100 пати дневно за здрав изглед
Во текот на денот, нормално е да изгубите влакна од косата, но со претераното четкање ги повлекувате и влакната кои не треба да испаднат. Четката користете ја само кога треба да ја стилизирате косата, но чешлајте ја нежно.
Мит 2: Косата е подобро да ја оставите природно да се исуши
Ова е совет кој веројатно честопати сте го слушнале, но едно истражување објавено во стручното списание “Annals of Dermatology” покажало дека природното сушење на косата исто така може да има негативно влијание. Со фенирањето се оштетува надворешниот слој од влакното, но ако косата е влажна подолго од еден час, тоа може да го оштети влакното од внатрешноста.
Најдобро е да ја оставите косата да се исуши на воздух додека не биде околу 75 отсто сува, а потоа да ја исушите со фен на најниска топлина.
Мит 3: Косата побрзо расте доколку ја шишате на секои 6 недели
Косата расте од коренот, па затоа честото шишање нема никаква врска со брзината на нејзиниот раст. Причината поради која овој совет е толку популарен е тоа што редовното шишање ги отстранува испуканите врвови – најголемите непријатели на долгата коса.
Доколку редовно ја негувате косата со регенератор, маска, масла и други козметички препарати, доволно е да ги потскратувате врвовите на секои 8 до 12 недели.
Мит 4: Врзувањето на косата во репче поттикнува опаѓање
Овој мит е делумно точен – ниското репче и опуштената пунџа нема да ѝ наштетат на вашата коса, но доколку често ја стегате косата, ќе се случи истото и со претераното чешлање – ќе ги скинете и влакната кои не треба да опаднат, а со тоа може да ги оштетите и фоликулите на влакното.
Мит 5: За убав изглед треба да ја плакнете косата со студена вода
Овој мит се темели на тоа што студената вода најдобро ги отстранува мртвите клетки од површината на влакното и ја прави косата мазна и сјајна. Но, влакната содржат и живи клетки на кои студената (а и топлата) вода нема никаков ефект. Доколку сакате вашата коса да изгледа здраво и убаво, вложете во квалитетен регенератор.