Откриени се разлики во животниот век помеѓу различните раси на мачки, како и тоа дали полот на мачката може да има влијание врз него. Расата со најкраток животен век е многу препознатлива и популарна раса на мачки, додека онаа со најдолг животен век е карактеристична по крзното.
Студијата за животниот век на илјадници мачки во Велика Британија откри значајни разлики помеѓу различните раси. Научниците одлучија да ја спроведат студијата откако заклучија дека нема доволно опсежни истражувања за долговечноста на мачките, забележувајќи значителен јаз во споредба со студиите за кучиња.
Истражувајќи ги податоците за речиси 8.000 мачки кои умреле помеѓу 2019 и 2021 година, британските научници откриле дека нивниот просечен животен век бил приближно 11,7 години.
Исто така, забележано е дека женските мачки имаат тенденција да ги надживеат мажјаците, со очекуван животен век од 12,5 години, во споредба со 11,2 години, пренесува Live Science.
Интересно е што вкрстените мачки имаат тенденција да живеат подолго од повеќето чистокрвни мачки, со очекуван животен век од 11,9 години. Меѓу анализираните раси, бурманските мачки имале најдолг животен век од 14,4 години, додека мачките Бенгал и Сфинкс имале најкраток животен век од 8,5 и 6,7 години.
Интересно е тоа што за разлика од кучињата, варијацијата во животниот век кај мачките не е во корелација со карактеристиките како што се големината на телото, а научниците забележале и релативни физички сличности меѓу илјадници мачки.
„Мачките се здодевни – разликата помеѓу мачките обично е само должината или бојата на нивното крзно“, велат научниците.
По анализата, експертите составија и табели за живот, кои помогнаа да се предвиди преостанатиот животен век на различните раси на мачки, за сопствениците полесно да донесат одговорни одлуки за медицинските третмани.
„Ако вашата мачка има 11 или 12 години и се очекува да живее само уште една година, тогаш веројатно не вреди да направите голема операција, на пример“, заклучија научниците.