Многу луѓе не можат да замислат ден без една или неколку шолји кафе.
Овој вкусен пијалак може да се пие на многу начини. Со доаѓањето на летото некои луѓе топлата варијанта на кафе ја заменуваат со ладна и освежителна, но се поставува прашањето како претераното конзумирање кафе влијае на организмот во топлите летни месеци.
Иако редовното консумирање кофеин, како една шолја дневно, не е премногу штетно, треба да размислите за внесување на кофеин во текот на летните месеци. Еве зошто.
Зголемена дехидратација
Прекумерното консумирање кофеин може да предизвика дехидратација, пренесува Health Shots. Кофеинот може да го измами телото да чувствува помалку жед, што може да доведе до дехидратација. Општо земено, луѓето кои забележуваат зголемување на дигестивните проблеми, како што се запек, надуеност, дијареа, синдром на нервозно дебело црево или губење на апетит, може да ги имаат овие проблеми поради прекумерното консумирање кофеин.
Дехидратацијата, која може да ја предизвика и кофеинот, токму поради тоа што чувствуваме помала жед, може дополнително да ги влоши овие состојби. Затоа кога пиете кафе во текот на летните месеци, не заборавајте да испиете чаша вода или некој друг хидратантен напиток.
Зголемен број отчукувања на срцето
Покрај тоа што предизвикува дехидратација, прекумерното консумирање кофеин може да го зголеми и пулсот и нивото на крвниот притисок. Поради и онака непријатната топлина, консумирањето кофеин може да предизвика дополнителен стрес на кардиоваскуларниот систем и да доведе до непријатност или други здравствени проблеми, пренесува Health Shots.
Негативно влијание врз спиењето
Летните месеци може да доведат до нарушен режим на спиење бидејќи зголемената телесна температура го отежнува процесот на заспивање. Ако конзумирате премногу кофеин покрај сето ова, тоа може дополнително да ги влоши вашите шеми на спиење бидејќи повеќето луѓе не можат да спијат после пиење кафе. Ако редовно пиете кафе кога надвор е топло, тоа може да влијае на вашето расположение и да ве направи раздразливи и уморни.