Постојат два типа на ќелави мажи – оние на кои опаѓањето на косата е голема несигурност и се обидуваат да го спречат и сокријат на секој начин, и оние кои мислат дека ќелавоста е секси.
Исто така, повеќето мажи со коса повеќе би сакале да ја задржат косата, па очигледно има различни мислења на оваа тема. Сепак, постојат некои научни истражувања кои сугерираат дека ќелавоста има бројни социјални придобивки.
Без разлика што сите велат спротивното, тешко е да се негира дека физичкиот изглед не е важен во општеството. Нашиот физички изглед може (до одреден степен) да ги одреди нашите кариери, типот на луѓе со кои се дружиме, луѓето со кои сме во врска и колку сме успешни во општеството воопшто, објаснува научникот Рајан Андерсон за Psychology Today.
„Луѓето постојано носат заклучоци за карактерот на другите врз основа на нивниот изглед. На пример, ако маж или жена имаат мали и ситни очи, се претпоставува дека се доминантна личност. Додека големите очи и полните усни претставуваат покорна личност“ објаснува тој понатаму. Истражувањата покажуваат дека физички привлечните луѓе имаат голем број на посакувани особини, што не е изненадувачки. Секој кој имал каква било интеракција со личност за која смета дека е убава или згодна, знае какво е чувството.
Бројни студии ја документираа тенденцијата на луѓето да формираат општ впечаток за нешто и да го засноваат своето подоцнежно расудување на првиот впечаток. На пример, тој млад човек изгледа одлично, тогаш мора да биде самоуверен или вреден. Истражувањата покажаа дека привлечните луѓе генерално се сметаат за поуспешни и со помала веројатност да изневерат.
Традиционално, ќелавоста или значителниот недостаток на коса се поврзува со непожелни карактеристики (слабост, импотенција…). Додека густата коса е поврзана со квалитети како што се силата и мажественоста. Мажите кои избираат да ги бричат главите може да изгледаат интересно бидејќи избричената глава историски се поврзува со воздржана сексуалност, па дури и како „симболична кастрација“.
Вистина е дека многу мажи ја бричат главата затоа што косата почнала да им опаѓа. Истражувањата покажуваат дека околу половина од мажите ќе доживеат некаква форма на ќелавост до 50-тата година од животот. Ова е поврзано со ниска самодоверба и лоша слика за телото, перцепција дека сте стари и може да се појави депресија. Не е изненадувачки што мажите ширум светот трошат речиси 3,5 милијарди долари обидувајќи се да го спречат или сокријат опаѓањето на косата.
Ќелавите мажи се подоминантни и попријатни
Истражувањето објавено во Social Psychological and Personality Science открива дека ќелавите мажи имаат некои предности. Испитаниците (мажи и жени) оцениле колку се доминантни, пријатни и стари мажите со и без коса. Резултатите покажале дека ќелавите мажи биле оценети како околу една година постари, малку поубави и многу подоминантни.
Во друг дел од студијата, истражувачите имаа една група учесници да ги оценат фотографиите од мажи со коса, а друга група да ги оцени истите мажи, но со дигитално отстранета коса. Интересно е што истите мажи без коса биле оценети како подоминантни и посамоуверени, но и помажествени и посилни. Единственото нешто е што недостатокот на коса ги остарел за четири години.
Сепак, истражувањата покажаа дека не е исто дали мажот е целосно ќелав или само што почнал да ја губи косата. Само целосно ќелавите мажи оставаа впечаток дека се подоминантни, помажествени и посилни, но и дека имаат квалитети на лидер. Од сето ова многу лесно може да се заклучи дека ќелавоста веќе не е знак на машка слабост и недостаток на тестостерон, а тоа е причината поради која многу успешни мажи гордо го покажуваат својот „недостаток“. Имено, различни истражувања покажале дека мажот без коса ја претставува новата мачо убавина и дека тоа им се допаѓа на жените.