Пред шеесет години, во раните утрински часови на 1 октомври 1964 година, моќен и елегантен воз тивко се лизгаше низ урбаната џунгла во Токио кон југ, во правец на Осака. Тој историски ден го означи почетокот на ерата на супербрзите возови во Јапонија, познати како Шинкансен. Куршум-возот симболизираше ново, позитивно поглавје и своевидно закрепнување од штетата предизвикана од Втората светска војна.
Шинкансен, што се преведува како „нова главна линија“, стана синоним за брзо и ефикасно патување, а Јапонија останува светски лидер во железничката технологија до ден-денес. Моќните конгломерати како Хитачи и Тошиба извезуваат возови и опрема во вредност од милијарди долари секоја година.
Јапонската мрежа за брзи возови постојано се шири; железничките правци водат по пат од главниот град кон север, југ и запад, до градови како Кобе, Кјото, Хирошима и Нагано. Во минатото, патувањата меѓу четирите главни јапонски острови (Хокаидо, Хоншу, Шикоку и Кјушу), кои се протегаат на приближно нешто помалку од три илјади километри, често биле заморни и напорни. Така, на пример, во 1889 година, патувањето со воз од Токио до Осака траело 16 и пол часа, но во 1965 година, истото патување траело само три часа и 10 минути. Тајната на брзото патување лежи во брзината на возовите која може да достигне и до 320 km/h.
Безбедност и брзина
Предизвикувачката топографија на земјата, како и драстичните разлики во температурата: од ледените зими на север до тропската влажност на југ, им го отежнаа животот на јапонските експерти – но бројните предизвици што требаше да ги решат ги направија водечки инженери, кои неуморно наоѓаа нови и посовремени решенија за компликациите со кои се соочуваа.
Сеизмичката активност беше најголемиот предизвик за експертите бидејќи Јапонија е едно од геолошки најактивните места во светот, подложно на земјотреси и цунами. Поради сеизмичка активност, Shinkansen се опремени со автоматски системи за запирање кои реагираат и на најмалите потреси.
И покрај сите тешкотии, во историјата на Шинкансен, ниту еден патник не бил убиен или повреден поради излетување на воз од шините. Интересно е и тоа што јапонските брзи возови се познати по својата неверојатна точност, со просечно годишно доцнење помало од една минута. Покрај тоа, тие се исклучително енергетски ефикасни и користат помалку енергија по патник во споредба со автомобилите или авионите.
Модерни возови
Шинкансен постојано се подобрува, а новите возови имаат долги носеви за да се намали бучавата при влегување во тунели, особено во густо населените урбани области. До денес, Шинкансен има превезено повеќе од 10 милијарди патници, што го прави еден од најуспешните и најсигурни железнички системи во светот.
Во текот на изминатите четири децении, многу земји го следеа примерот на Јапонците и изградија брзи железници, а веројатно најпозната е Франција, која се гордее со TGV меѓу Париз и Лион од 1981 година. Италија, Германија, Холандија, Тајван, Турција и Саудиска Арабија исто така ги поврзуваат најголемите градови со возови и служат како алтернатива за воздушниот транспорт.
Во последниве години, Кина ги засени Јапонија и остатокот од светот со изградбата на најдолгата брза железничка мрежа во светот. Вкупната должина на кинеската железничка мрежа е околу 45.000 километри, а се работи и на развој на возови Maglev кои лебдат над шините со помош на магнети и можат да достигнат брзина од речиси 640 km/h.
Јапонија има и своја експериментална линија Маглев и моментално гради 286 километри долга рута меѓу Токио и Нагоја, која треба да биде отворена во 2034 година. На крајот, треба да се прошири до Осака, намалувајќи го времето на патување до Осака на само 67 минути.