Се чини дека Нетфликс верува во повторување на успехот што го имаа со првата овогодишна серија „Fool Me Once“. Имено, беше најавено дека на 1 јануари 2025 година ќе пристигне новата мини-серија „Missing You“, екранизацијата на романот на Харлан Кобен, за кој ова е веќе деветта соработка со Нетфликс. Ова е истиот потег што го направија со хитот „Fool Me Once“ кој пристигна на стриминг сервисот на 1 јануари 2024 година, а кој во првите шест месеци беше повеќе гледан од познатите серии како „Baby Reindeer“, „One Day“, „The Gentlemen“ па дури и третата сезона од популарната серија „Bridgerton“.
Заплет на серијата „Missing You“
Мини-серијата од пет епизоди ја раскажува приказната за детективката Кет Донован, чиј вереник Џош мистериозно исчезна пред повеќе од десет години. Кога случајно ќе го види неговото лице на апликација за запознавање, Кет е принудена да се соочи со нерешените мистерии од нејзиното минато, вклучувајќи го и убиството на нејзиниот татко. Во серијата ќе видиме интересна актерска екипа – главната улога ја толкува Розалинд Елеазар во која се заљубивме во серијата „Slow Horses“, а покрај неа ќе глумат Ричард Армитаж, Џесика Пламер и Ешли Волтерс. Харлан Кобен ќе биде во улога на извршен продуцент, додека сценариото го пишува Викторија Асаре-Арчер.
„Крајот на серијата е толку изненадувачки што дури и јас како автор погрешно ја протолкував додека ја гледав. Гледачите ќе бидат шокирани!“, изјави Кобен во едно интервју. Со оглед на претходните успеси на адаптациите на Кобен на Нетфликс, како што се „The Stranger“ и „Fool Me Once“, очекувањата за новата серија се исклучително високи. И овој проект ни носи интригантни теми кои се покажаа како многу пожелни кај публиката на Нетфликс – нерешени мистерии од минатото, неочекувани враќања и тајни кои се закануваат да уништат се што е познато.
Иако е заснован на роман, се очекува серијата да донесе некои промени и свежи елементи кои ќе ги изненадат дури и оние кои ја прочитале книгата. Оваа комбинација на лична драма и криминална истрага, заедно со препознатливиот стил на сложени ликови и неочекувани пресврти на Кобен, навестува дека Netflix спрема уште еден хит.
Со интригантна приказна, ѕвездена актерска екипа и ветување за изненадувачки крај, оваа мини-серија сигурно ќе биде еден од најочекуваните наслови за 2025 година.