Речиси една третина од животот поминуваме спиејќи, па затоа добар душек е важна инвестиција. Какви душеци има, дали се подобри од мемори пена или со пружини и како положбата во која спиеме треба да влијае на изборот на душек?
Според основната класификација на душеците, постојат душеци со и без пружини, пишува Би-Би-Си. Душеците со пружини може да се поделат на оние со отворени пружини, континуирани и „џебни“ пружини, додека душеците без пружини најчесто се направени од пена – стандардна, латекс или мемориска. Хибридните душеци претставуваат комбинација од горенаведеното и се многу скапи.
Сепак, ниту еден од овие типови на душеци не нуди независна поддршка, што значи дека кога едно лице се движи, партнерот ќе го почувствува движењето, додека душеците со „џебни“ пружини нудат независна поддршка, наведува Би-Би-Си.
Мемориската пена оди чекор подалеку од поевтината стандардна полиуретанска пена, која исто така е потпорен и долготраен материјал. Мемори пената е многу еластична, со адитиви кои бавно реагираат на телесната тежина и топлината на телото, постепено се обликуваат на телото, а потоа меморијата полека се враќа во првобитната форма кога лицето се движи.
Вистинскиот душек за болки во грбот е средно тврд душек, пишува Би-Би-Си. „Ако душекот е премногу тврд, не дозволува вашите рамења и вратот да потонат во него“, објаснува д-р Рената Рија, консултант за респираторна медицина на Универзитетот во Единбург. „Ако душекот е премногу мек, може да имате проблеми со колковите и рамената бидејќи премногу тонат во душекот“, вели таа.
Докторот исто така за Би-Би-Си изјави дека понекогаш само менувањето на душекот може да направи разлика. Таа додава дека старите, испукани душеци дефинитивно треба да се заменат и дека постои општо прифатена мудрост дека душеците треба да се менуваат на секои седум години, со оглед на тоа колку влага и пот апсорбираат од телото.
Ако спиете на страна, мемори пената би можела да биде корисна, вели докторката, но доколку најчесто спиете на грб или стомак, тогаш таа би препорачала да инвестирате во душек со пружини.