Според едно американско истражување, консумирањето пет порции црно чоколадо неделно е поврзано со намален ризик од дијабетес тип 2.
Претходните студии покажаа дека луѓето кои јаделе најмалку пет порции неделно од каков било вид на чоколадо, каде што една порција е еднаква на еден ред чоколадо, имале 10 проценти помала стапка на дијабетес тип 2 во споредба со оние кои воопшто не консумирале чоколадо.
Сепак, една студија истражување спроведено на „Харвард ТХ Чен скул оф паблик хелт“ во Бостон покажа дека луѓето кои јаделе најмалку пет порции црно чоколадо неделно имаат 21 отсто помал ризик од дијабетес тип 2, пишува „Саенс алерт“ (Science alert).
Меѓутоа за млечното чоколадо не беше утврден помал ризик. Исто така истражувањето покажа три отсто намален ризик од дијабетес тип 2 за секоја дополнителна порција црно чоколадо. Од друга страна така, истражувањето, објавено од „The BMJ“, покажа дека зголемената консумација на млечно, но не и на црно чоколадо, е поврзана со долгорочно дебелеење.
Чоколадото содржи високо ниво на флаваноли, природно соединение кое се наоѓа во овошјето и зеленчукот за кое е докажано дека го подобрува здравјето на срцето.
„Зголемената консумација на црно чоколадо е поврзана со помал ризик од дијабетес тип 2. Зголемената консумација на млечно, но не и црно чоколадо, е поврзана со долгорочно дебелеење“, вели авторот на студијата Чи Сан, пишува „Њуз-медикал“.
Флаванолот кој е клучна состојка во чоколадото е всушност многу здрав, но кога се консумира како млечно чоколадо, тој вообичаено е многу преработен и комбиниран со бројни нездрави адитиви, шеќери и масти.
Професорот Баукје де Рос вели дека ова е првата обемна анализа на поврзаноста помеѓу консумирањето чоколадо со дијабетесот тип 2. Посебноста на ова истражување е тоа што посебно утврдува кој вид чоколадо е поврзан со ризикот од дијабетес.
„Бидејќи темното чоколадо има многу поголем процент на какао, тоа значи дека биоактивни соединенија во какаото и црното чоколадо, како што се флаванолите, може да придонесат за намалување на ризикот од дијабетес, веројатно со зголемување на чувствителноста на инсулин. Меѓутоа, останува да се утврди дали и како самите флаваноли го намалуваат ризикот од дијабетес. Авторите на истражувањето открија дека консумацијата на млечното чоколадо е поврзана со дебелеењето, додека консумацијата на црното не е. Дебелењето е важен ризик фактор за развој на дијабетес тип 2“, вели професорот Де Рос.