Бубрезите играат клучна улога во филтрирањето на штетните материи, одржувањето на рамнотежата на течностите и целокупното здравје на телото. Сепак, проблемите како хронична бубрежна болест и бубрежни камења стануваат се почести, поради лошата исхрана, дехидрација и други здравствени проблеми.
Иако додатоците во исхраната можат да придонесат за одржување на здравјето, неправилната употреба, како што се прекумерните дози на одредени додатоци, може дополнително да ги оптоварува бубрезите или да ги влоши постоечките проблеми.
Нутриционистот Крутика Нанавати предупредува за најчестите грешки кои треба да се избегнуваат при користење на додатоци во исхраната.
1. Преголеми дози на витамин Ц
„Витаминот Ц е важен за здравјето, но земањето повеќе од 2.000 милиграми дневно може да доведе до камења во бубрезите, особено кај луѓе кои веќе имаат проблеми со бубрезите“, објаснува Нанавати за SheFinds.
Камењата во бубрезите предизвикуваат силна болка, може да предизвикаат инфекции и потенцијално да ги оштетат бубрезите. За среќа, овој ризик може лесно да се избегне со придржување до препорачаните дневни дози.
2. Преголем внес на протеини од суплементи
„Високиот внес на протеини може дополнително да ги оштети бубрезите кај луѓето со постоечки проблеми, бидејќи го зголемува обемот на работа на нив“, истакнува Нанавати.
Бубрезите ги филтрираат отпадните производи, а прекумерниот внес на протеини го отежнува овој процес. Иако здравите луѓе обично не доживуваат никакви несакани ефекти, оние кои веќе имаат бубрежна болест треба да бидат особено внимателни кога користат протеински додатоци.
„Важно е да се консултирате со лекар пред значително да го зголемите внесот на протеини“, заклучува Нанавати.
Правилната и контролирана употреба на додатоци во исхраната може да биде корисна, но подеднакво е важно да се биде свесен за потенцијалните ризици, особено кога станува збор за здравјето на бубрезите.