Снегот што паѓа во последните денови им создаде големи проблеми на бројни граѓани. Многу луѓе немаат решение за мразот на пешачките површини, скалите и патеките до станбените згради.
Подолу ви пренесуваме неколку домашни трикови кои се ефективни за елиминирање на мразот пред влезните врати и скалите. Во градот и на патиштата е многу ефикасно да се борите против мразот со ширење сол, бидејќи површината е асфалтна.
Во приватните домови, патеките и скалите најчесто се направени од бетон или поплочени со керамички плочки. На такви површини, индустриската и кујнската сол може да бидат доста агресивни. По само една сезона, бетонската површина може да се расипе, а додека самите плочки можат добро да ја издржат солта, истото не важи и за фугата. Солта обично длабоко навлегува во нив, па плочките може да „преживеат“ една сезона, но по втората или третата секако ќе почнат да се појавуваат оштетувања.
За среќа, постојат некои решенија кои се доста ефикасни. Измешајте два литри топла вода со една лажица детергент за миење садови и околу педесет милилитри 70 отсто алкохол. Направете доволна количина во овој сооднос и внимателно истурете ја преку скалите.
Мразот брзо ќе исчезне, а нов слој нема да се формира. Секако, пред да ја размачкате оваа смеса, механички отстранете што е можно повеќе мраз и снег. Ако ги немате сите овие состојки дома, што е често случај со алкохолот, можете да користите само детергент за миење садови, а алкохолот измешан со вода исто така може да биде ефикасен, но тие се најефективни во комбинација.