Резултатите од истражувањето „Жените возачи – стереотипи и предрасуди“ укажуваат дека жените во сообраќајот и понатаму страдаат од стереотипи и нефер ставови кои можат да влијаат на нивната самодоверба, удобност и доверба, соопшти Агенцијата за безбедност во сообраќајот.
По повод Меѓународниот ден на жената, Агенцијата спроведе онлајн анкета на тема „Жените возачи – стереотипи и предрасуди“, која покажува дека 88 отсто од испитаниците сметаат дека има предрасуди кон жените возачи – често или многу често.
На прашањето како ги оценуваат женските возачки способности во споредба со мажите, 34 отсто од испитаниците веруваат дека жените возат подеднакво добро како и мажите, 37 отсто веруваат дека жените возат полошо, додека 29 отсто веруваат дека жените возат подобро од мажите.
Во примерок од околу 1.100 испитаници, 62 проценти веруваат дека однесувањето на другите возачи кон жените е често снисходливо, 20 проценти веруваат дека е фер и правилно, додека 18 проценти го опишуваат однесувањето како често непријателско.