
Проблемите започнаа кога температурата на морето нагло се зголеми.
Необични морски животни неодамна се појавија на плажата Симафор во Австралија, што експертите го припишуваат на екстремната топлина и масовното цветање на алгите во морето.
Локалниот жител Сигор фотографирал големи, необично обликувани риби и други морски организми, вклучувајќи морски еж, кој одеднаш се појавил на брегот, објавува Express.

Причината за овој феномен е брзиот раст на алгите, познат како „цут на алги“, што се јавува кога температурата на морето значително се зголемува за време на топлотните бранови. Потоплата вода создава идеални услови за брзо размножување на алгите, а овој процес може да произведе токсична пена на површината на морето. Оваа пена не е штетна само за морските животни, туку може да предизвика и иритација кај луѓето што живеат покрај брегот.

Првите смртни случаи на морски организми се регистрирани на јужниот брег, во областите Виктор Харбор и Гулва, каде што брановите се претвораа во бело-зелена пена и предизвикуваа непријатност и иритација на грлата на пливачите. Оттогаш, ситуацијата се влошува, а по секоја бура, на плажите се појавува сè поголем број мртви морски животни.
И покрај неодамнешниот пад на температурите, алгите продолжуваат да се шират по јужниот брег на Јужна Австралија и стигнаа до самата Аделаида и околните предградија. Овој феномен ги загрижува научниците и локалните жители бидејќи го загрозува морскиот екосистем и квалитетот на водата во областа на долг рок.