
Легендарниот британски музичар Ози Озборн почина на 76-годишна возраст по долго и сериозно боледување. Низ неговата повеќедецениска кариера, тој остави силен белег во светот на музиката, а меѓу неговите бројни успеси, особено се издвојува хитот „Paranoid“.
Имено, станува збор за песна што ја снимил со бендот Black Sabbath, која денес има повеќе од 330 милиони прегледи на YouTube.
Во 1970 година, бендот бил во лондонско студио, снимајќи го својот втор студиски албум, кој првично требало да се вика „War Pigs“. Продуцентот Роџер Бејн потоа посочил дека на албумот му недостасува уште една пократка и побрза песна за да ја комплетира должината на плочата.
Врз основа на ова, гитаристот Тони Ајоми спонтано смислил препознатлив гитарски риф за само дваесет минути. Остатокот од бендот реагирал брзо – Гизер Батлер го напишал текстот, а Ози Озборн ги отпеал вокалите.
Иако песната првично била замислена како едноставно полнење, нејзиниот потенцијал веднаш бил препознаен. Затоа било одлучено целиот албум да се преименува во „Paranoid“.
Интересно е што „Paranoid“, иако брзо напишана, носи силна и мрачна порака. Текстот зборува за внатрешни превирања, депресија и чувство на изолација. Во еден од стиховите, Озборн пее: “I tell you to enjoy life / I wish I could but it’s too late”, јасно изразувајќи чувство на безнадежност и емоционална борба.
Текстописецот Гизер Батлер подоцна објасни дека не му е дијагностицирана параноја, туку го користел терминот како симбол на внатрешна борба и психолошки слом, што ѝ даде на песната дополнителна длабочина и препознатливост.