
Сонот го зајакнува имунолошкиот систем, но денес повеќе од една третина од возрасните не успеваат да ги добијат препорачаните седум или осум часа сон во текот на ноќта.
Доколку сте изложени на вируси и сте лишени од сон, поголема е веројатноста да се разболите, предупредуваат лекарите. Недостатокот на сон може да биде и „активатор“ за голем број хронични здравствени проблеми, како што се дијабетес и срцеви заболувања, но исто така го зголемува ризикот од деменција.
- Сонот е како полнење на батериите во вашите уреди и е неопходен за да се одбраните од грип. Најважната фаза е длабокиот сон, кој се јавува 35 до 45 минути откако ќе заспиете, бидејќи тогаш се зајакнува имунолошкиот систем – вели д-р Крис Братнер, додавајќи дека денес повеќе од една третина од возрасните не успеваат да ги добијат препорачаните седум или осум часа сон во текот на ноќта.
Кога имаме инфекција или се развива воспалителен процес во телото, имунолошкиот систем ослободува одреден вид протеини, цитокини, а кога сме лишени од сон, нивното производство се намалува, а имунитетот ослабува.
Колку часа сон се препорачува?
Децата на возраст меѓу 6 и 13 години треба да спијат од 9 до 11 часа, тинејџерите од 8 до 10 часа, а лицата над 18 години треба да спијат од седум до девет часа навечер.
Кога страдате од несоница
Ако страдате од несоница, понекогаш е доволно да ги промените вашите животни навики – имајте редовен ритам на станување и одење во кревет, воведете физичка активност во текот на денот, избегнувајте консумирање кофеин и алкохол непосредно пред спиење или совладајте техники за релаксација. Билки кои можат да ве опуштат и да ви помогнат полесно да потонете во царството на соништата се валеријана, лаванда, камилица и мајчина душица.