
Со доаѓањето на есента и зимата, времето почнува да се менува. Некои од предизвиците што доаѓаат со постудените месеци се перењето и сушењето на облеката. Сепак, постојат совети што можат да ви помогнат алиштата да се исушат побрзо и да спречат формирање на мувла.
Иако перењето облека е лесно, сушењето чиста облека без машина за сушење може да биде доста голем предизвик.
Како резултат на тоа, многу домови се погодени од влага и мувла, ставајќи ги семејствата во ризик од респираторни проблеми и алергии, а овој број нагло се зголемува во есен и зима кога вентилацијата е намалена.
Експертот за чистење и перење на домот, Најџел Берман, истакнува дека луѓето често мислат дека влагата е само естетски проблем, но тоа не е вистина.
„Луѓето често мислат дека влагата е само естетски проблем, малку црна мувла на ѕидот или кондензација на прозорците. Сепак, тоа може да има вистински последици по здравјето, особено за децата, постарите лица или за секој што има астма и алергии“, вели тој.
Ако немате друг избор освен да ги сушите алиштата внатре, постојат неколку начини на кои можете да ја намалите влажноста во вашиот дом. Најчестата грешка што ја прават луѓето е што не размислуваат за протокот на воздух.
„Дури и во постудено време, отворањето на прозорец само 10 или 15 минути додека се суши облеката прави голема разлика во протокот на воздух и спречува насобирање на влага“, вели Берман.
Исто така е важно да не ги натрупувате сите алишта во една просторија бидејќи тоа може да ја зголеми влажноста во воздухот. Наместо да чувате сè на едно место, обидете се да го распоредите низ вашиот дом.
Дополнително, можете да пробате да користите материјали што апсорбираат влага како крпи и чаршафи. Ако ги поставите близу или под облеката што се суши, тие можат да помогнат во апсорпцијата на вишокот влага.
Последниот совет на Берман е да инвестирате во прочистувач на воздух. Ако сте спремни да инвестирате, овој уред може да помогне и во отстранувањето на вишокот влага од воздухот, но со следење на овие едноставни и бесплатни совети, вашиот дом треба да остане сув додека „не дојдат минусите“.