
Домот на познатата пејачка Ријана во Беверли Хилс беше цел на пукотница во неделата додека таа беше внатре, објавија американските медиуми.
Според полицијата во Лос Анџелес, инцидентот се случил околу 13:20 часот по локално време. 30-годишна жена наводно пукала од возило кон влезот на имотот на пејачката.
Таа испукала неколку куршуми во домот на поп-ѕвездата во Беверли Хилс, при што еден куршум го пробил ѕидот на куќата, објавија локалните новински агенции во неделата.
„Лос Анџелес Тајмс“ и „NBC4“, повикувајќи се на портпарол на полицијата во Лос Анџелес, објавија дека властите реагирале на пукотницата во 13:21 часот во неделата и привеле 30-годишна осомничена жена.
Сведоци и полициски извори изјавија дека биле испукани приближно 7 до 10 куршуми. Полицијата го истражува мотивот за нападот, а идентитетот на жената сè уште не е објавен.
Ријана била во домот во времето на пукотницата, но не била повредена. Не е потврдено дали нејзиниот партнер, раперот A$AP Rocky, и нивните деца биле со неа во тој момент.
Луксузната вила на пејачката се наоѓа во населбата Беверли Крест во Лос Анџелес и е купена во 2021 година за 13,8 милиони долари. Полицијата соопшти дека истрагата е во тек, а дополнителни детали за мотивот за пукањето сè уште не се познати.