
Бананите се едно од нашите омилени овошја. Тие се достапни преку целата година, а оние кои ги сакаат ги консумираат без да го изберат времето од денот. Сепак, времето од денот кога уживаме во овој деликатес има влијание врз тоа како ова овошје влијае на нашето здравје.
Иако не постои идеално време за јадење банани, кои се богати со растителни влакна, калиум и антиоксиданси, ова овошје има различни ефекти врз нашите тела во зависност од тоа кога го јадеме.
Ако јадете банани наутро
Започнувањето на денот со банана ќе ви обезбеди брз извор на енергија по ноќен пост. Една средна банана содржи околу 90 калории и речиси 27 грама јаглехидрати и природни шеќери. Влакната, а особено скробот во помалку зрелите банани, го поттикнуваат чувството на ситост и помагаат во контролата на апетитот наутро. Тие го подобруваат варењето и можат да дејствуваат како природен антацид, со неутрализирање на желудочната киселина што се насобрала преку ноќ.
Ако јадете банани во текот на денот, по појадокот
Многу луѓе доживуваат пад на енергијата во текот на денот, а бананата може да биде едноставно и ефикасно решение. Јаглехидратите и природните шеќери обезбедуваат дополнително „гориво“ за борба против попладневниот замор.
Бидејќи се богати со растителни влакна и малку калории, го зголемуваат чувството на ситост и помагаат во контролата на гладот до вечерниот оброк. Придонесуваат за хидратација. Содржат околу 75 проценти вода, а калиумот помага во регулирањето на рамнотежата на течностите во телото.
Ако јадете банани навечер
Ако го изберете вашето омилено овошје за вечерна ужина, тоа може да придонесе за подобар сон. Бананите се богати со триптофан, аминокиселина што телото ја користи за создавање серотонин и мелатонин, хормони кои се клучни за регулирање на расположението и циклусите на спиење. Високите нивоа на магнезиум и витамин Б6 дополнително го поттикнуваат опуштањето.
Можеби ќе бидете сити во текот на ноќта, па затоа нема да посегнувате по доцни оброци што ќе ви го нарушат сонот. Сепак, не се препорачува непосредно пред спиење бидејќи може да се појави надуеност или ненадеен скок на шеќерот во крвта.
Бананите се одлична ужина ако вежбате
Бананите се одличен избор за ужина пред или по тренингот. Лесно сварливите шеќери брзо ги зголемуваат нивоата на енергија потребни за вежбање. Иако доказите се мешани, се верува дека високата содржина на калиум може да помогне во спречување на мускулни грчеви. По вежбањето, бананите придонесуваат за закрепнување на мускулите, го намалуваат воспалението и ги надополнуваат резервите на гликоген, енергијата што мускулите ја користат за време на физичката активност, пишува Helath.com.