
„Фустанот за одмазда“ на принцезата Дијана – кој таа го носеше ноќта кога тогашниот принц Чарлс призна дека ја изневерувал – ќе се најде на аукција во декември.
Оваа аукција претставува прва можност по речиси 30 години овој фустан, креиран од грчката дизајнерка Кристина Стамболијан, да биде купен.
Принцезата Дијана го носеше фустанот на хуманитарна гала-вечер во 1994 година во лондонската галерија „Серпентајн“ – истата вечер кога принцот Чарлс на националната телевизија призна дека ѝ бил неверен за време на нивниот брак.
Британскиот кралски пар се раздели во 1992 година, а нивниот развод беше финализиран во 1996 година. Во 1997 година, принцезата Дијана го продаде фустанот за околу 40.000 фунти за да собере средства за хуманитарни организации што им помагаат на лицата заболени од рак и СИДА.
Два месеца подоцна, принцезата Дијана загина во сообраќајна несреќа во Париз. Брачниот пар што го купи фустанот во 1997 година, Бриџ и Греам Мекензи, го користеше за собирање средства за хуманитарни цели низ Шкотска, пренесува „Вашингтон пост“.
„Се надевам дека ќе заврши во рацете на некој што ќе ужива во неговото поседување исто толку колку што уживавме и ние“, изјави Бриџ Мекензи.
Црниот фустан ќе биде изложен ширум светот – со застанувања во Лондон, Хонг Конг и Женева – пред да пристигне во Њујорк за аукција во живо на 9 декември. Се проценува дека фустанот би можел да достигне цена меѓу 150.000 и 300.000 долари.