
Дали сте слушнале за овој тренд?
Нов тренд поврзан со тишината, наречен „тивко одење“, се шири низ социјалните мрежи.
Концептот е едноставен: одете и бидете присутни во околината , слушајќи ги само сопствените мисли и звуците на природата или градот. Овој феномен предизвика дебата за важноста на повременото исклучување од дигиталниот свет, пишува EatingWell.
Трендот го популаризираше инфлуенсерката на TikTok, Меди Мајо, која во видео објасни како нејзината одлука да оди без мобилен телефон ѝ го променила животот. Иако на Мајо ѝ се припишува популаризацијата на терминот „тивко одење“, многу корисници истакнаа дека концептот не е нов.
„Значи, таа само оди?“ е еден од честите коментари, додека членовите на Генерацијата X рекоа: „Го правиме тоа со години.“ И покрај ова, трендот поттикна голем број слични објави, а оригиналното видео собра повеќе од половина милион лајкови пред да биде отстрането од платформата.
Што е тивко одење и зошто е корисно?
Практиката на тивко одење подразбира свесна одлука да не се користат мобилни телефони и слушалки за време на прошетката. Целта е да се исклучат надворешните стимули како што се музика, подкасти или телефонски разговори и да се фокусирате на звуците од околината, на сопствените чекори и мисли. За многумина, таквата пауза од технологијата може да ја претвори рутинската прошетка во вежба за внимателност.
Во време на постојана изложеност на екрани и бучава, без разлика дали на работа, училиште или дружење, повременото „исклучување“ станува сè поважно, а тивкото одење може да се смета за форма на медитација во движење.
Без одвлекување на вниманието од медиумските содржини или разговорите,
умот се опушта полесно , а мислите течат послободно. Ова овозможува подобра врска со сопственото тело и околината. Покрај менталните придобивки, важно е да се нагласи дека само редовното одење е ефикасна физичка активност што помага во намалувањето на стресот

А што е со музиката?
Дали тоа значи дека е лошо да се оди на музика?
Не мора. Истражувањата потврдија дека слушањето музика може да го намали психолошкиот стрес, да ја подобри рамнотежата и да го направи вежбањето попријатно. Иако тивкото одење е одличен начин да се оддалечите од технологијата и да се поврзете со себе, тоа не значи дека треба да се откажете од музиката ако таа ви помага да го подобрите расположението или да го зголемите интензитетот на тренингот.
Иако се појави како тренд на социјалните медиуми, тивкото одење е во суштина корисен потсетник за потребата одвреме-навреме да се исклучите од дигиталниот шум. Без разлика дали го постигнувате ова со исклучување на музиката за прошетка или со некоја друга форма на вежбање на свесност во текот на денот, моментите на тишина, одење или комбинација од двете можат значително да придонесат за физичкото и менталното здравје.