
Ако се прашувате што прво забележуваат гостите кога влегуваат во вашиот дом, одговорот можеби нема многу врска со мебелот или бојата на ѕидовите.
Тим дизајнери на ентериер од компанијата „Havenly“ идентификуваше пет детали што најчесто го привлекуваат вниманието на посетителите.
Дизајнерите на ентериер нагласуваат дека уредувањето на домот не се сведува само на бои, тапети, мебел и декорација, туку и на доживувањето што просторот им го нуди на гостите. Токму затоа, „Havenly“ спроведе анкета меѓу својот тим дизајнери за да открие кои сетилни карактеристики и дизајнерски детали луѓето најчесто ги забележуваат кога посетуваат туѓ дом.
Мирис
Мирисот го зазема првото место. Според дизајнерите, токму тоа е она што човекот го забележува во моментот кога ќе влезе во нов простор – честопати уште пред да обрне внимание на декорацијата. Аромата на свеќа или на домашно подготвен оброк може да придонесе за позитивен прв впечаток.
Организација
Организацијата и чистотата се веднаш зад тоа. Валканите садови во мијалникот, нередот или облеката расфрлана на подот можат да бидат меѓу првите работи што гостите ќе ги забележат. Од друга страна, чистиот и организиран простор може да поттикне чувство на опуштеност и удобност.
Впечатлив парче мебел
Третиот детал е впечатливо парче мебел. Особено се истакнуваат уникатните предмети, како што се ретро софа со заоблени линии или фотелји со скулптурален изглед. Токму затоа што се разликуваат од стандардниот мебел, ваквите парчиња можат да привлечат дополнително внимание кај гостите.
Невообичаен тапацир
Внимание привлекува и смелиот тапацир – особено изразените дезени и шари. Дизајнерите наведуваат примери како фотелји со леопардски дезен или софи со впечатливи цветни мотиви кои се издвојуваат од стандардните материјали.
Уметнички дела
На петтото место се наоѓаат впечатливите уметнички дела. Според дизајнерите од „Havenly“, уметноста во домот може да открие нешто за сопственикот, особено кога станува збор за големи, живописни или впечатливи дела. За разлика од големите, празни ѕидови, просторот исполнет со внимателно избрани уметнички дела може да делува поинтригантно.