
Google најави нов агент со вештачка интелигенција од семејството Gemini, наменет за деловни корисници. Според компанијата, оваа алатка функционира повеќе како колега на работното место отколку како обичен чет-бот.
Алатката базирана на вештачка интелигенција може да извршува различни задачи – од одговарање на прашања до креирање содржини и програмирање – соопштија од Google.
Новиот агент со вештачка интелигенција функционира во рамките на апликациите на Google, вклучувајќи ги Gmail, Drive, Docs и Calendar, пренесува Bloomberg.
Според компанијата, агентот е дизајниран да функционира како деловен колега, кој има и сопствен корпоративен идентитет.
Овој производ претставува чекор напред во споредба со претходните агенти со вештачка интелигенција на Google, кои главно одговараа на прашања или извршуваа однапред дефинирани задачи во рамките на поединечни апликации.
Со овој потег, Google влегува во сè посилна конкуренција за деловни клиенти со компании како OpenAI, Anthropic и Microsoft, забележува агенцијата со седиште во Њујорк.