
Кога имате стомачни тегоби – било поради сомнителен оброк или без некоја очигледна причина – храната обично не ви прија, па многу луѓе бараат нешто топло и смирувачко за пиење.
Алиса Симпсон, лиценциран диететичар и нутриционист специјализиран за гастроинтестиналниот систем, вели дека нејзин прв избор е чај од ѓумбир во комбинација со билки како што се црвен брест и корен од бел слез.
„Тоа е нешто што и самата го пијам кога треба да го смирам стомакот, а им го препорачувам и на моите клиенти. Ѓумбирот може да помогне при гадење, а другите билки традиционално се користат за смирување на иритираните слузокожи, вклучително и оние во дигестивниот тракт“, објаснува Симпсон.
За повремена употреба, таа предлага едноставна подготовка: една кесичка чај од ѓумбир и една кесичка мешавина од билките црвен брест и бел слез, при што треба да се следат упатствата за подготовка наведени на пакувањето. Оние што претпочитаат билки во растресита форма можат да користат ситно цедилка, а чај од ѓумбир може да се подготви и на шпорет, со користење на исечкан свеж корен.
Чајот треба да се остави да се излади до пријатна температура и да се пие полека, особено ако чувствувате гадење, бидејќи премногу топол пијалак може дополнително да го иритира ткивото што се обидувате да го смирите. Симпсон особено ја препорачува оваа комбинација кога гадењето е проследено со други благи дигестивни тегоби, како што се менструални болки или непријатност во стомакот по прејадување.
Чајот од нане, исто така, има долга традиција како средство за подобрување на варењето, иако Симпсон го става подолу на листата. Таа напоменува дека нането може да го влоши рефлуксот, а постојат и посилни докази кои ја поддржуваат употребата на капсули со масло од нане – наместо самиот чај – за ублажување на цревните грчеви.
Чајот од ѓумбир, без разлика дали е сам или во комбинација со други билки, генерално добро се поднесува, дури и од лица склони кон рефлукс. Сепак, ситуацијата се менува кога станува збор за посериозни проблеми, како што е стомачен вирус.
„Обичната вода останува добар избор за хидратација, особено ако ѓумбирот или другите билки ја влошуваат вашата состојба“, вели Симпсон. Во случаи на повраќање или дијареја, поважно е телото да може да го поднесе она што се внесува, отколку пијалакот да има репутација на средство што помага при варењето. Водата на собна температура или благо изладената вода обично полесно се поднесува; треба да се пие во мали голтки и многу бавно.