
Ново истражување покажува дека дури и кратката прошетка во шума може да ја намали анксиозноста, да го ублажи стресот и да го подобри расположението.
Шетајќи низ шумата, тешко е да не се забележи мирисот на боровите дрвја, сончевите зраци што сјаат врз карпите, мекиот мов и папрат на шумскиот под, како и цврчењето на птиците во врвовите на дрвјата. Но, како едноставната прошетка низ шумата влијае на телото и умот?
Јапонската традиција позната како шинрин-јоку, или „шумско капење“, го инспирираше модерниот концепт на шумска терапија. Станува збор за престој и прошетка во природа со цел подобрување на здравјето и расположението. Неколку студии спроведени во текот на изминатата деценија покажаа дека престојот во шума може да придонесе за подобро физичко и ментално здравје, да го намали нивото на хормонот на стрес кортизол во крвта и да го зајакне имунолошкиот систем.
Според истражување објавено во Меѓународното списание за истражување на животната средина и јавно здравје , дури и 15-минутна прошетка низ шумата може да го подобри расположението, да го намали стресот и да ја намали анксиозноста.
Во истражувањето учествувале 60 луѓе кои биле поделени во две групи. Едната група шетала низ градот, додека другата останала во шумата. Резултатите покажале дека луѓето кои поминале само 15 минути шетајќи низ шумата имале значително помалку негативни чувства и се чувствувале порелаксирано, и ментално и физички.
Овие резултати се дел од растечкиот број научни докази, вклучувајќи истражувања спроведени на поголем број испитаници, кои укажуваат дека шумската терапија е корисен и научно поткрепен начин за намалување на стресот и анксиозноста.
Подолу се наведени шест интересни наоди од истражувањата за шумска терапија спроведени во текот на изминатата деценија.
1. Прошетката низ шумата може да ја намали анксиозноста и негативните чувства
Истражувањата покажаа дека одењето низ шума може да ја ублажи анксиозноста, но и негативните чувства како што се лутината и заморот.
Во една студија, нивото на анксиозност беше мерено со помош на стандардизиран прашалник за проценка на анксиозноста. Се покажа дека луѓето кои шетале во шума имале значително пониско ниво на анксиозност во споредба со оние кои шетале во град.
Покрај тоа, учесниците кои престојувале во шумата пријавиле помалку негативни чувства, вклучувајќи напнатост, анксиозност, депресивно расположение, лутина, замор и конфузија.
2. Престојот во шумата промовира релаксација
Истражувачите го следеле срцевиот ритам, варијабилноста на срцевиот ритам и крвниот притисок за да утврдат како престојот во природа влијае на телото.
Резултатите покажаа дека шумската терапија го активира парасимпатичкиот нервен систем, делот од нервниот систем одговорен за одмор, закрепнување и релаксација на организмот.
3. Шумската терапија може да има антидепресивно дејство
Помали студии покажаа дека престојот и прошетката во шумата можат да го подобрат расположението и да ги ублажат симптомите на депресија. Слични резултати беа забележани и во истражувања спроведени врз деца.
Прошетката низ природа може да биде особено корисна бидејќи комбинира свесно внимание кон околината, т.е. таканаречената практика на внимателност, и физичка активност. Познато е дека обете активности можат да придонесат за ублажување на симптомите на депресија.
4. Само 15-минутна прошетка низ шумата може да ви го подобри расположението
Не е потребно да поминувате многу време во шумата за да ги почувствувате позитивните аспекти на престојот во природа.
Истражувањата покажаа дека дури и 15 минути пешачење можат значително да придонесат за релаксација на телото и умот. Краток престој меѓу дрвјата, со свеж воздух и звуците на природата, може да биде доволен за намалување на напнатоста и подобрување на расположението.
5. Прошетката во природа може да го зајакне имунитетот и да донесе долгорочни придобивки
Одредени студии покажаа дека одењето низ шума може да ја зголеми активноста на таканаречените природни клетки убијци (NK клетки), кои играат важна улога во одбраната на телото од инфекции и абнормални клетки.
Интересно е што позитивните ефекти врз имунитетот не мора да исчезнат веднаш по враќањето од природа. Според некои истражувања, зголемената активност на овие клетки може да трае подолго од еден месец.
6. „Капењето во шума“ може да ги зголеми нивоата на антиоксиданси
Помал број студии се занимаваа и со влијанието на шумската терапија врз нивото на антиоксиданси во крвта.
Резултатите покажаа дека по престојот во шума може да има значително зголемување на количината на овие корисни соединенија. Антиоксидансите играат важна улога во заштитата на клетките од оксидативен стрес и оштетување предизвикано од слободни радикали.
Научните истражувања сè повеќе укажуваат дека престојот во шума може да има бројни позитивни ефекти врз здравјето. Освен што помага во намалувањето на стресот и анксиозноста, шумската терапија може да придонесе за подобро расположение, релаксација на телото и зајакнување на имунолошкиот систем. Затоа дури и кратката прошетка низ природата може да биде едноставен начин да направите нешто добро за вашето тело и ум, пишува Psychology Today.