Деца, замор и мобилни телефони: Што најчесто ги прекинува интимните моменти на паровите

popara11 ноември, 20261min00
b_261108166

Интимните моменти на паровите се прекинуваат во просек 18 пати годишно, а за повеќе од една четвртина од нив, последниот прекин значел и крај на таа вечер – покажува анкетата спроведена меѓу 1.000 Американци кои се во сериозни врски.
Истражувањето го спроведе агенцијата „Talker Research“ за потребите на „Hunny Labs“. Учесниците се Американци на возраст од 25 до 54 години, кои живеат со партнер или се во стабилна врска.

Истражувањето го следеше текот на еден романтичен момент, од подготовките па сè до периодот по него. Повеќе од половината испитаници (54 отсто), чија интимност била прекината, велат дека потоа се чувствуваат помалку блиски со својот партнер.

Децата на прво место

Најчеста причина за прекин се децата или присуството на некој друг во домот (49 отсто). Кај родителите кои имаат деца помлади од 18 години, овој удел се зголемува на 68 отсто. На второ место е заморот кај еден од партнерите (39 отсто), а на трето место е мобилниот телефон што ѕвони или вибрира (35 отсто).

Следуваат звуци што доаѓаат од друг дел на куќата (25 отсто), домашно милениче (24 отсто), како и ѕвонење на вратата или доаѓање на доставувач (22 отсто). Пречки претставуваат и неудобната положба (20 отсто), како и размислувањата за работата и домашните обврски (19 отсто).

„Паровите не се свесни колку интимноста зависи од чувството дека, барем накратко, ништо друго не го бара нивното внимание. Кога на детето му треба нешто, кога ќе светне екранот на мобилниот телефон или ќе започне некоја игра – прекинот можеби е краток, но менталната промена е голема“, вели Брент Дајер, советник од Хјустон кој работи со парови користејќи го „Готман методот“ (Gottman Method).

Домашно милениче во спалната соба

Половината од паровите кои имаат домашно милениче што спие во спалната соба, велат дека миленичето веќе им го расипало романтичниот момент. Меѓу оние што не дозволуваат миленичето да спие во спалната соба, тој удел изнесува само 11 отсто. Од оние чија интимност била прекината, 18 отсто поради тоа го избркале миленичето од спалната соба. Дури 38 отсто од испитаниците сметаат дека тоа им се случува почесто отколку на другите парови. Желбата сепак постои: 53 отсто би сакале да бидат интимни со својот партнер почесто отколку што е тоа случај сега.

Мобилниот телефон при рака

Дури 77 отсто од испитаниците имаат мали „сигнали“ што ја најавуваат интимноста. Најчести се затворањето или заклучувањето на вратата (38 отсто), по што следуваат тргањето настрана или стишувањето на мобилниот телефон (31 отсто), музиката (29 отсто) и пригушеното осветлување (27 отсто).

Температурата, исто така, може да биде причина за расправии: 60 отсто од паровите што живеат заедно не можат да се договорат колку топло или ладно треба да биде во спалната соба.

Две третини од испитаниците (66 отсто) ги држат мобилните телефони при рака за време на сексот. Само 7 отсто обично го оставаат телефонот во друга просторија, иако половина од нив се обиделе воопшто да не го внесуваат телефонот во собата. За да имаат помалку прекини, 31 отсто од паровите одвојуваат посебно време за себе, а 30 отсто разговарале за тоа со својот партнер.

Важен е и периодот потоа

Мнозинството испитаници (79 отсто) сметаат дека времето непосредно по интимноста е исто толку важно колку и самиот чин. Сепак, помалку од половината (48 отсто) обично остануваат блиску до својот партнер, додека 27 отсто го проверуваат својот мобилен телефон во текот на првите пет минути.

„Зафатените парови во долготрајни врски имаат толку многу обврски што сексот често паѓа во втор план. Кога конечно ќе најдат време, малите прекини лесно можат да ги расипат нивните најдобри намери. Еден од најголемите виновници е технологијата, па затоа советувам мобилниот телефон да биде стишан или целосно отстранет од спалната соба“, вели Џен Кенеди, терапевт за сексуални и брачни односи.